Ли одби да го продаде Милан за 500 милиони евра

126

Тимот на Милан нема да има нов сопственик, барем засега. Ова стана јасно денеска, откако актуелниот претседател на „росонерите“, Јонхон Ли ја одбил понудата на американскиот милијардер Роко Комисо од 500 милиони евра.

Вчера, Роко Комисо постави ултиматум од 48 часа на кинескиот сопственик на Милан, кој мораше да го даде својот одговор. Денеска медиумите во Италија ги објавија информациите дека Ли го одбил предлогот на Комисо.

Американскиот сопственик на Њујорк Космос изразил разочарување од одбивањето на Ли да ја прифати понудата, која може да ја подобри финансиската состојба на клубот, кој очекува да биде исфрлен од евротурнирите поради непочитување на финансискиот ферплеј на УЕФА.

Комисо е подготвен да плати 500 милиони евра за контролниот пакет во Милан, а во исто време кинескиот бизнисмен ќе задржи мал удел. 
Американецот изрази подготвеност да ги плати долговите на клубот и дапочне со подготовката на проект за изградба на модерен стадион.

Засега ова е малку веројатно, а Ли останува на чело на гигантот од Милано.