Лихтенштајн – третата попатна станица кон ЕП 2020

166

Мораме да го добиеме мечот со Лихтенштајн, поквалитетни сме, но нема да биде лесно, во фудбалот се можни изненадувања. Радува тоа што сме во добра форма, но треба да бидеме концентрирани како и на минатите мечеви, вели Алиоски

Најдобрите фудбалери на Македонија во мирна и релаксирачка атмосфера ги одработуваат тренинзите пред саботниот натпревар (арена „Филип Втори“, 20.45 часот) против Лихтенштајн во групата 4 на лигата Д, во Лигата на нациите (ЛН). Македонија е фаворит и никој не ја доведува во прашање победата иако не треба да се потцени противникот. Новите три бода, заедно со шесте по првите два меча, на гости со Гибралтар (2-0) и дома со Ерменија (2-0), ќе бидат добра увертира пред следниот, вторнички, можеби решавачки натпревар за првото место во групата, на гости против Ерменија во Ереван.

– Забележавме две победи, но ништо не е готово. Сега нѐ очекува дуелот со Лихтенштајн, мораме да го добиеме тој меч, поквалитетни сме, но нема да биде лесно, во фудбалот се можни изненадувања. Радува тоа што сме во добра форма, но треба да бидеме концентрирани како и на минатите мечеви. Постигнав два гола на првите два меча, но не е важно сега кој ќе постигне гол, битно е да победиме, јас и да не постигнам гол ќе бидам среќен со трите бода – изјави Езџан Алиоски.

Во оптимистичко расположение за претстојниот натпревар размислува и играчот од средниот ред, Стефан Спировски.

– Очекувам наш триумф против Лихтенштајн, тоа го посакува и цела Македонија. Целосно сме фокусирани на тој меч, потоа ќе мислиме на Ерменија. Желба на сите нас е да бидеме први во групата – рече Спировски.

Македонија досега седум пати играла со Лихтенштајн, победила шест пати, еднаш било нерешено. Вкупната гол-разлика е 27-4, од тоа на домашен терен 10-1 (3-0, 3-1 и 4-0).

Максималните 12 бода по четирите меча за Македонија веројатно ќе значат освојување на првата позиција во групата. Со триумф во групата Македонија ќе се пласира во повисок ранг, лига Ц, во следниот циклус на ЛЕ, но ќе игра и во плејофот на лигата Д (во март 2020), од каде што победникот ќе настапи на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Но освојувањето на првото место во групата, за репрезентацијата ќе значи и можност да скокне во 4-от барабан при ждрепката за ЕП 2020, каде што ќе влезе ако има најдобар скор меѓу првопласираните селекции во лигата Д.

Ждрепката за составот на групите за ЕП 2020 треба да биде влечена на 2 декември во Даблин, Ирска. Натпреварите по групи (пет по шест и пет со по пет репрезентации) ќе почнат во март и ќе траат до ноември 2019 година. На финалниот турнир ќе се квалификуваат по две првопласирани репрезентации од 10-те групи, плус победниците на четирите фајналфор-турнири од Лигата на нациите.


Рекордна низа мечеви без пораз

Фудбалската репрезентација на Македонија со победата над Ерменија во септември дома, со 2-0, во 2-то коло од Лигата на нации, постави нов рекорд во серија мечеви без пораз.
Серијата на црвено-жолтите сега изнесува девет натпревари во низа без пораз, во кои беа забележени пет победи и четири нерешени средби (од тоа шест во квалификациски средби, со Италија 1-1 на гости, Израел 1-0 на гости, Албанија 1-1 дома, Лихтенштајн 4-0 дома, Гибралтар 2-0 дома и со Ерменија 2-0 дома, како и три пријателски, со Норвешка 2-0 дома, Финска 0-0 и со Азербејџан 1-1, двете на неутрален терен).
Со тоа е надминат репрезентативниот рекорд од седум натпревари во низа без пораз, од 2010 година, кога црвено-жолтите забележаа пет победи и две ремија, сите во пријателски натпревари. Вкупната гол-разлика во новата серија од девет меча без пораз е 14-3, од тоа 11-1 дома, 2-1 на гости и 1-1 на неутрален терен.