Лион пресилен за Барселона, Андонова европски вицепрвак

93

Во финалето на женската Лига на шампиони во Будимпешта, Лион ја совлада Барселона (4-1), тимот на македонската интернационалка Наташа Андонова

Македонската фудбалска интернационалка во дресот на Барселона, Наташа Андонова, не успеа да се закити со титулата првак на Европа. Андонова, која го проследи мечот од клупата за резервни играчи, и нејзините колешки во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) во Будимпешта беа поразени од француски Лион со 1-4, кој ја продолжи доминацијата освојувајќи ја четвртата титула европски првак во низа, вкупно шеста во клупската историја.

Андонова (25), која две сезони го носи дресот на Барселона (го играше првото европско финале), претходно на ПСЖ и на Потсдам, не успеа да му се придружи на Горан Пандев (со Интер 2010-та), како и на Дарко Панчев и на Илија Најдоски (со Црвена звезда 1991-та), како освојувач на титулата европски шампион.
Во победничкиот тим, кој минатиот месец 13-ти пат по ред стана првак на Франција и го играше осмото европско финале од 2010-та наваму, блескаше Норвежанката Ада Хегерберг, најдобрата светска фудбалерка за 2018-та, која постига хет-трик само по половина час игра (од 15-та до 30-та минута). Хегерберг (23), која беше прогласена за најдобра на мечот, е прва што постигнува хет-трик во финале на ЛШ од 2010-та наваму, откако се игра според овој формат.

– Немам зборови. Неверојатно е. Многу сум горда што го постигнав овој хет-трик.
Никогаш не е лесно да победувате од година на година. Луѓето мислат дека е полесно отколку што е, но тие не гледаат што се случува зад сцената. Тешко е на секој четвртфинален, полуфинален, финален меч. Ние само се грижиме да бидеме најдобри – изјави Хегерберг.

Хегерберг, најдобрата светска фудбалерка, ќе ја нема во репрезентацијата на Норвешка на Светското првенство (СП што на 7 јуни ќе започне во Франција). Таа од 2017-та не настапува во националниот дрес поради, според неа, недоволниот респект кон жените фудбалери во нејзината земја.

Капитенот на Лион, Венди Ренар, го одигра 82-от, рекорден меч во ЛШ. Таа, голманката Сара Бухади и Ежени Ле Сомер се освојувачки на шесте европски титули на Лион, од 2011-та досега.