Ливерпул ќе има тешка задача во Салцбург

100

Европскиот првак есенва игра во одлична форма во Премиер-лигата, но пласманот во осминафиналето на ЛШ му зависи од исходот на овој меч кај едно од најпријатните изненадувања сезонава, третиот најефикасен тим по пет кола во ЛШ и за кој игра и вториот стрелец сезонава, Холанд

Вечерашните и утрешните натпревари од последното, шесто коло од групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава ќе решат уште кои осум екипи ќе им се придружат на ПСЖ, Реал Мадрид, Баерн, Тотенхем, Манчестер сити, Јувентус, Лајпциг и на Барселона, кои веќе обезбедија пласман во осминафиналето.
Останува да се види и дали на 16-те натпревари ќе бидат постигнати 48 гола (три по натпревар), со што би се подобрил рекордот според бројот на постигнати голови во групната фаза, 306 од сезоната 2017/2018. Во минатото петто коло беа постигнати 51 гол, а слично беше и во претходните рунди, најмногу во четвртата, кога беа постигнати 57 погодоци.
Индивидуално, Роберт Левандовски од Баерн со 10-те гола е блиску да го израмни рекордот на Кристијано Роналдо од 11 гола во групната фаза од сезоната 2017/2018. Левандовски и Ерлинг Холанд од Салцбург (девет гола) се двајцата фудбалери што постигнуваа барем по еден гол на сите пет меча сезонава.

Од денешните дуели, посебно внимание привлекува мечот помеѓу актуелниот европски шампион Ливерпул и австрискиот Салцбург. Ливерпул есенва игра во одлична форма во Премиер-лигата, непоразен е по 16 кола, забележа 15 победи, само со едно реми, но во групата Е пласманот во осминафиналето му зависи од исходот на овој меч на гости, против Салцбург, едно од најпријатните изненадувања, кому малкумина му предвидуваа дека до последното коло ќе биде „во игра“ за пласман меѓу 16-те најдобри.

„Црвените“ ќе се пласираат во следната рунда со победа и со реми, па дури и со минимален пораз (првиот меч го добија со 4-3). Австрискиот тим е еден од најефикасните сезонава во ЛШ, оти на петте меча постигна 16 гола (прими 11), само еден помалку од Тотенхем и пет помалку од Баерн.

Двајца фудбалери на Ливерпул, Садио Мане и Наби Кеита, имаат настапувано и за Салцбург. Мане во периодот од 2012 до 2014 одигра 63 првенствени натпревари, постигна 31 гол и во сезоната 2013/2014 ги освои шампионската титула и Купот на Австрија. Кеита беше дел од тимот Салцбург што освои две двојни круни (првенство и куп) во сезоните 2014/2015 и 2015/2016, во која беше прогласен и за најдобар играч на сезоната.

Неизвесно е во групата Ф, барем што се однесува до тоа која екипа, Интер или Борусија Дортмунд, ќе ѝ се придружи на Барселона во осминафиналето. На хартија, потешка задача има Интер, кој ја пречекува Барселона, која, пак, 13-та сезона по ред, вкупно 21 пат, го обезбедува првото место во групата, што е рекорд во ЛШ. Борусија на домашен терен ја пречекува Славија Прага, која нема шанси да се помести од последното место.

Во групата Х, Ајакс, Валенсија и Челси имаат речиси еднакви шанси за пласман во осминафиналето. Ајакс, сепак, е најблиску до 16-те најдобри бидејќи му е доволен и еден бод, но статистиката вели дека дома загуби шест од последните осум меча против екипи од Шпанија. Валенсија, пак, загуби само два од 13-те натпревари против тимови од Холандија.