Ливерпул е пред хет-трик во изборот за фудбалер на сезоната?

70

Капитенот Џордан Хендерсон е меѓу фаворитите за највредната награда – играч на годината, која во претходните две сезони ја добија неговите тимски колеги Вирџил ван Дајк и Мохамед Салах

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Асоцијацијата на професионални фудбалери (ПФА) на Англија е уверена дека ќе се одржи церемонијата на доделување признанија за најдобрите играчи на сезоната, објави „Телеграф“. Постоеја некои најави дека годинава нема да се доделуваат признанијата, првпат по инаугуративната церемонија во 1974 година (прв добитник на наградата е Норман Хантер од Лидс), бидејќи фокусот на ПФА беше насочен, пред сѐ, на безбедното играње фудбал.

Гласањето за годинашните лауреати беше суспендирано за време на паузата поради пандемијата на коронавирусот, но сега членовите на синдикатот ќе може да гласаат до крајот на сезоната. Гала-вечерата за крунисување на најдобрите во сезоната 2019/2020 беше закажана за 26 април во Манчестер, првпат надвор од Лондон, но беше откажана поради пандемијата.
За очекување е играчите на Ливерпул да доминираат откако ја освоија првата титула по 30 години. Капитенот Џордан Хендерсон е меѓу фаворитите за највредната награда – играч на годината, која во претходните две сезони ја добија неговите тимски колеги Вирџил ван Дајк и Мохамед Салах. Бекот Трент Александар-Арнолд е во конкуренција за признанието за најдобар млад играч.

Во ерата на Премиер-лигата, уште двајца фудбалери на Ливерпул, Луис Суарез во 2014 година и Стивен Џерард во 2006-та, биле добитници на признанието за најдобар фудбалер на сезоната во Англија.