Левандовски голгетерска машина, Милер мајстор за асистенции

93

Баерн го доби и шестото дерби по ред во Бундес-лигата дома против Борусија, во меч во кој Левандовски постави два голгетерски рекорда, а Милер стана првиот фудбалер со 100 асистенции

Фудбалскиот шампион на Германија, Баерн, го доби и шестото дерби по ред во Бундес-лигата на домашен терен против Борусија Дортмунд, триумфирајќи со 4-0. На претходните пет меча на арената „Алијанц“, Баварците славеа со 2-1, 5-1, 4-1, 5-0 и 6-0. Повеќе победи по ред против големиот ривал (осум), Баерн забележа во периодот од 1977 до 1984 година.

Од сезоната 2015/2016 досега Баерн против Борусија постигнал 24 гола, најмногу од сите тимови. Полјакот Роберт Левандовски, кој постигна два гола, стана првиот фудбалер во историјата на Бундес-лигата што постигнал гол на секој од првите 11 меча во сезоната и првиот што има 16 гола на 11-те првенствени натпревари.

Сезонава тој се запишуваше во листата на стрелците на 15-те натпревари на Баерн во Бундес-лигата и во Лигата на шампионите (ЛШ), вкупно 22 пати. Од доаѓањето во Баерн, во 2014 година (од Борусија Дортмунд), против поранешниот клуб тој постигна 16 погодока. Само комплетните тимови на Вердер (19 гола) и на Шалке (18 погодока) имаат повеќе голови против Борусија од него во истиот период.

Томас Милер на 500-от меч во дресот на Баерн влезе во историјата на германската Бундес-лига како прв фудбалер со 100 асистенции, почнувајќи од сезоната 2004/2005, откако се води ваков вид статистика (според „Опта“). Втор на таа листа е Франк Рибери, со 92 асистенции.

Во 2015-та, Милер стигна до 150-та првенствена победа, на возраст од 27 години и еден месец, како втор најмлад фудбалер со таков ефект, по Георг Шварценбек, а во 2018 година најбрзо дојде до 200-та победа во кариерата, по само 275 меча. 


Ѕидот повторно падна во Берлин

На прославата по повод 30-годишнината од падот од Берлинскиот ѕид, на Олимпискиот стадион во Берлин, Херта загуби од Лајпциг со 2-4 во меч од германската фудбалска Бундес-лига. Пред мечот помеѓу двата тима симболично беше поставена реплика на ѕидот што ги раздвојуваше двата дела на главниот град на Германија од 1961 до 1989 година, низ која поминаа фудбалерите и потоа ѕидот беше урнат.
На ѕидот од стиропор беше напишана и пораката „против ѕидовите заедно со Берлин“. Освен тоа, фудбалерите на Херта носеа идентични дресови како и на првиот меч по уривањето на ѕидот, на 11 ноември 1989 година.
– Игравме во ретро-дресови за да се потсетиме, ние и цела Германија, на првиот натпревар на Херта Берлин што можеа да го следат заедно источните и западните берлинци на Олимпискиот стадион – изјави членот на управата на Херта, Пол Китер.