Лајпциг му покажа на Атлетико дека може без Вернер, а и без Роналдо

210

Фудбалерите на Лајпциг направија подвиг пласирајќи се во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) откако вечерва го елиминираа фаворизираниот Атлетико Мадрид, совладувајќи го со 2-1 во возбудливиот четвртфинален меч во Лисабон, решен во самата завршница.

По првото полувреме без голови, Дани Олмо му донесе предност на Лајпциг во 51-та минута, Жоао Феликс изедначи од пенал во 71-та минута, за резервистот Тајлер Адамс да и донесе понатамошен пласман на германската екипа со неговиот прв гол во ЛШ, постигнат во 88-та минута.

Згора, „биковите“ ја остварија победата без нивниот најдобар стрелец сезонава Тимо Вернер (34 гола и 13 асистенции на 45 настапи во сите натпреварувања), кој направи трансфер во Челси во пресрет на четврт-финалето. А Лајпциг стана и првиот клуб кој успеа да го елиминира Атлетико под водство на Диего Симеоне од нокаут-фазата на ЛШ, без да го има Кристијано Роналдо во составот. Мадриѓани, откако ги предводи аргентинскиот стратег, испаѓаа од Реал Мадрид (во четири наврати) и од Јувентус, за кои настапуваше португалскиот крилен напаѓач.

Лајпциг во полуфиналето ќе се сретне со Пари Сен Жермен, кој вчера беше подобар од Аталанта со 2-1. Утре се среќаваат Баерн и Барселона, додека Манчестер сити ќе игра против Лион в сабота, во преостанатите четвртфинални дуели.