Лампард како дебитант израмни 30-годишен рекорд

95

Челси ја забележа седмата гостинска победа во низа, а по мечевите во кои нивните тимови победија за одлуки на ВАР реагираа менаџерите Лампард и Клоп

Англискиот фудбалски премиерлигаш Челси триумфира на гости на мечот со Вотфорд на стадионот „Викериџ роуд“ со 2-1, што беше седма последователна победа на гости за „сините“. Со неа менаџерот Франк Лампард, во првата сезона на клупата на тимот, го израмни рекордот на Боби Кемпбел од пред 30 години, од седум триумфи на гости забележани во периодот февруари-април во 1989 година.

Стрелците, заедно со резултатот, се дел од трендот есенва за избраниците на Лампард. Во деби-сезоната во Премиер-лигата Тами Абрахам (22), кој го постигна првиот гол, стигна до бројката седум гола на шесте гостувања сезонава (вкупно 10). Повеќе голови на гости, на ист број натпревари во првата сезона, по осум, постигнале Кевин Филипс од Сандерленд (1999/2000) и Един Џеко и Серхио Агуеро од Манчестер сити (2011/2012-та).

Вотфорд е единствената екипа што уште нема забележано победа по 11 кола (пет ремија и шест порази), првпат во клупската историја и е последен, 20-ти. Вотфорд се израмни во таа категорија со КПР, кој во сезоната 2012/2013 не победи на првите 11 меча.

Лидерот Ливерпул извојува тешка, но заслужена победа на гости, над Астон Вила со двата гола во финишот, на Ендру Робертсон во 87-та минута и на Садио Мане во 94-та минута. Но на овој меч, како и на дуелот Вотфорд – Челси, во фокусот на вниманието повторно беше ВАР. Против Челси беше досуден контроверзен пенал по прекршокот над Жерар Делуфеу во финишот, со одлука на ВАР-судиите. Лампард не беше задоволен и побара што е можно побрзо да се расчистат работите за да нема недоразбирања и различни толкувања на исти ситуации.

– Моменталната употреба на ВАР во Премиер-лигата може да нѐ доведе во опасна ситуација. Често се случува да се чека долго на одлуките што значи дека судите не се сигурни. За еден е пенал, за друг не, недостига уште да почнат да фрлаат паричка и така да решаваат – вели Лампард.

На „Вила парк“, Роберто Фирмино постигна гол за израмнување, 1-1 што не беше признаен бидејќи ВАР утврдил дека тој со пазувата за некој милиметар бил во офсајд. А претходно слично беше при постигнувањето на голот за Астон вила, но ВАР утврдил дека фудбалерите на двата тима се во линија. Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, воопшто не беше задоволен од бизарното објаснување за причините за поништениот гол на Фирмино.

– Победивме и сето тоа не изгледа важно во моментов. Но станува збор за сериозни работи и мислам дека не е во ред да седиме тука и да разговараме за нешта што на сите ни се смешни. Но не е смешно кога менаџерот добива отказ затоа што неговиот тим губи натпревар(и) – вели Клоп.


Навивач повторно се обложи дека Лестер ќе биде шампион

Навивачот на Лестер, Ли Херберт (41), кој заработи 20.000 фунти кога „лисиците“ ја освоија титулата во Премиер-лигата во 2016-та како аутсајдери (со обложувачки однос 5.000:1), повторно се обложи дека неговиот тим сезонава ќе биде првак. Но овој пат односот во обложувачниците е 300/1 за „лисиците“ да го повторат триумфот од пред три години. Херберт смета дека сегашниот состав, моментално трет на табелата, е добар како и оној што триумфира во 2016-та.
– Ливерпул или Манчестер сити може да се покажат како премногу силни за нас, но никогаш не знаете. Дефинитивно постои иста атмосфера околу Лестер -изјави Херберт за Би-би-си.
Во минатиот месец „лисиците“ забележаа рекордна победа на гости против Саутемптон, со 9-0, во неделата кога ја одбележаа годишнината од смртта на сопственикот Вишај Шриваданапраба во хеликоптерска несреќа.