Криза – годинава помалку пари за трансфери отколку лани?

51

ЦИЕС објави дека вкупната потрошувачка за трансфери годинава во Европа изнесувала 5,82 милијарди евра, што е за 2,4 отсто помалку отколку во 2017 година

Фудбалската опсерваторија на Меѓународниот центар за спортски студии (ЦИЕС) објави анализа во која се вели дека вкупната потрошувачка за трансфери годинава во петте најсилни лиги во Европа (Англија, Италија, Германија, Шпанија, Франција) изнесувала 5,82 милијарди евра, што е за 2,4 отсто помалку отколку во 2017 година.
Од оваа сума 4,71 милијарди се вложени во фудбалери за време на летниот преоден рок што, пак, е намалување за 9,9 отсто во споредба со летото лани. Годинава првпат по 2012 година вложените пари во трансфери се помали од претходната година.

Годинава трансфер-трошоците во англиската Премиер-лига биле 36,5 отсто од вкупните трошоци во петте најсилни лиги. Англиските премиерлигаши од 2010 година направиле трансфери за вкупно 5,71 милијарди и во тој период тие потрошиле 1,6 пати повеќе од италијанските клубови, 2,1 пати повеќе од шпанските, 2,8 пати повеќе од германските и 3,1 пати повеќе од француските клубови.

И покрај малиот пад во потрошувачката во 2018 година во споредба со рекордната 2017 година, економскиот развој на врвот на професионалната фудбалска пирамида посочува дека ново зголемување на вложувањата може да се очекуваат во блиска иднина, велат од ЦИЕС.

За 2018 година најголем потрошувач била Барселона (зимски и летен преоден рок заедно), пред Ливерпул и Јувентус. На листата со 20 клуба 10 се од Англија, а Борусија Дортмунд и Монако се единствени претставници на Германија, односно на Франција.

ЦИЕС објави и дека од 2010 година Монако заработил најмногу од продажба на фудбалери, 950 милиони евра, пред Ливерпул со 683, Рома со 680, Барселона со 628, Реал Мадрид со 625, итн.

Вкупно, петте лиги од 2010 година забележале дефицит од 7,29 милијарди евра, а од тоа на Премиер-лигата отпаѓа 78,3 отсто. Француската лига е единствена што работи со позитива (199 милиони евра), Монако е водечки со позитива од 289 милиони евра (разликата во сумите за продадени и купени фудбалери), пред Лил, Удинезе…, а на другата страна на оваа листа се Манчестер сити, ПСЖ, Манчестер јунајтед, Барселона, Челси…, пишува ЦИЕС.