Кој ќе ги собори голгетерските рекорди на Германија?

98

Четирикратниот светски првак е најефикасен на мундијалите, вкупно 224 гол, меѓу шампионите единствен има просек од над четири гола по меч на еден мундијал, а и поединечно најефикасниот е од таа селекција

Германската фудбалска репрезентација по досегашните 20 светски првенства (СП) држи неколку голгетерски рекорди. Фудбалерите на четирикратниот светски првак се најефикасните вкупно и најрасположените стрелци на еден мундијал.
Малку е веројатно дека на СП во Русија некоја селекција ќе го собори голгетерскиот рекорд на Германија од Мундијалот во 1954 година во Швајцарија. На тој планетарен собир Германија со познатото „чудо во Берн“ (победа во финалето над фаворитот Унгарија со пресврт, со 3-2) го комплетира настапот со вкупно 25 гола на шест меча, што е 4,17 гола во просек по натпревар. Германците тогаш ја освоија својата прва титула со резултати 4-1, 3-8, 7-2, 2-0, 6-1 и 3-2.
Тоа е и единствен случај еден светски шампион да има просек поголем од четири гола по средба. На второто место на оваа необична голгетерска листа е селекцијата на Уругвај од СП 1930, со постигнати 15 гола на четири меча, или 3,75 по натпревар, со резултати 1-0, 4-0, 6-1 и 4-2.
Трет е Бразил од мундијалот во 1970 година со 3,17 гола во просек по меч, со 19-те гола на шест средби, и тоа со резултати двапати 4-1 (еднаш во финалето со Италија), и по еднаш 1-0, 3-2, 4-2 и 3-1). Сите други светски шампиони имале просек помал од три гола по натпревар.
На последното место на оваа листа е Шпанија од 2010 година, кога за титулата им беа доволни само осум гола на седумте средби (1,14 по меч, со резултати 0-1, 2-0, 2-1 и четири пати по 1-0).
Германија на 106-те меча на 18 од 20-те светските првенства постигна рекордни 224 голA, постигнати од голгетерски мајстори како Хелмут Ран, Герд Милер, Јирген Клинсман, Карл Хајнц Румениге, Уве Зелер, Руди Фелер…. Бразил е втор со 221 гол на 20 мундијали (Роналдо, Пеле, Вава, Жаирзињо, Ривалдо, Ромарио…). Само тие две селекции постигнале повеќе од 200 гола.
На третото место на оваа листа е Аргентина со 131, а над 100 гола постигнаа само уште Италија (128) и Франција (106). Најблиску до стотката е Шпанија со 92 гола.
Од Германија е и најдобриот стрелец на сите мундијали, Мирослав Клосе, со 16 гола. Од фудбалерите што треба да настапат на СП 2018 најблиску е неговиот сонародник Томас Милер со 10 погодока.