Кој ќе биде најдобар – Ван Дајк, Меси или Роналдо

108

Тие беа во трка за минатонеделната награда на УЕФА, а сега се на листата и за признанието од ФИФА, за постигнатите успеси во минатата сезона, кое треба да биде доделено во Милано, на 23 септември

Вирџил ван Дајк, центархалфот на европскиот првак Ливерпул и напаѓачите на Барселона и на Јувентус, Лионел Меси, односно Кристијано Роналдо се на потесната листа кандидати за признанието најдобар, за фудбалер на годината во избор на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Овие тројца фудбалери беа кандидати и за наградата за најдобар играч во сезоната 2018/2019 на Европската фудбалска унија (УЕФА), признание што минатата недела го доби Ван Дајк.
Кај жените во конкуренција за фудбалерка на годината се Англичанката Луси Бронз, која пред десетина дена го доби признанието од УЕФА, и Американките Меган Рапино, најдобрата и најефикасна на Светското првенство (СП) годинава во Франција, и Алекс Морган.

Во категоријата тренери, на листата се Јирген Клоп од Ливерпул, Пеп Гвардиола од Манчестер сити и Маурисио Почетино од Тотенхем. Меѓу другите ќе бидат додели и признанијата за најдобар гол, односно наградата „Ференц Пушкаш“, за најдобар голман. Вкупно има осум категории.
Свечената церемонија за доделување на признанијата за постигнатите успеси во периодот од 16 јули 2018 до 19 јули 2019 година треба да се одржи во познатата „Скала“ во Милано, на 23 септември.

Лани признанието за најдобар фудбалер на ФИФА го доби Лука Модриќ, во конкуренција на Роналдо и на Мохамед Салах. Роналдо двапати го доби ова признание (во 2016 и во 2017-та), кое под ова име се доделува од 2016-та. Претходно, од 2010 до 2015 година, признанието се нарекуваше „златна топка“ на ФИФА, во заедништво со францускиот магазин „Франс фудбал“.


КАНДИДАТИ ЗА НАГРАДИТЕ НА ФИФА ЗА 2019 ГОДИНА
НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР: Кристијано Роналдо (од Португалија, член на Јувентус), Вирџил ван Дајк (Холандија, Ливерпул), Лионел Меси (Аргентина, Барселона)
НАЈДОБРА ФУДБАЛЕРКА: Луси Бронз (Англија, Лион), Меган Рапино (САД, Реин), Алекс Морган (САД, Орландо)
НАЈДОБАР ГОЛМАН: Алисон Бекер (Бразил, Ливерпул), Едерсон (Бразил, Манчестер сити), Марк Андре тер Штеген (Германија, Барселона)
НАЈДОБРА ГОЛМАНКА: Кристиана Ендлер (Кина, ПСЖ), Хедвиг Линдахл (Шведска, Челси/Волфсбург), Сари ван Венендал (Холандија, Арсенал/Атлетико Мадрид)
НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА МАШКИ ТИМ: Јирген Клоп (Германија, Ливерпул), Пеп Гвардиола (Шпанија, Манчестер сити), Маурисио Почетино (Аргентина, Тотенхем)
НАЈДОБАР ТРЕНЕР НА ЖЕНСКИ ТИМ: Џил Елис (САД), Фил Невил (Англија), Сарина Вигман (Холандија)
НАЈУБАВ ГОЛ: погодоци на Лионел Меси (Аргентина, Барселона), Хуан Фернандо Кинтеро (Колумбија, Ривер плата) и на Даниел Зори (Унгарија, Дебрецин)
НАВИВАЧКА НАГРАДА НА ФИФА: Силвиа Греко од Бразил, навивачи на Холандија на СП 2019 и Жусто Санчез од Уругвај