Кој му е виновен на Саутгејт ако Хрватите не го гледале „Фолти тауерс“

235
Герет Саутгејт и Лука Модриќ по полуфиналето на СП 2018

Селекторот на англиската фудбалска репрезентација, Герет Саутгејт, смета оти англискиот хумор понекогаш може да биде погрешно разбран, каков што бил случајот со Хрватите за време на Светското првенство во Русија, каде што двете селекции се сретнаа во полуфиналето, пишува „Индепендент“.

Хрватскиот капитен Лука Модриќ, како и селекторот на „коцкестите“ Златко Далиќ, во повеќе наврати истакнаа дека ги протолкувале изјавите на англиските фудбалери и написите во медиумите од Островото како непочитување кон нив, што дополнително ги мотивирало во полуфиналето во кое Хрватска славеше со 2-1.

Англискиот селектор го посочи примерот со слоганот „Фудбалот се враќа дома“ (стих од песна со шеговит карактер популарна меѓу англиските навивачи – н.з), што беше актуелен за време на Мундијалот.

– Песната е хумористична нели? Тоа е англиски хумор. Доколку не сте обожавател на „Фолти тауерс“ (популарна телевизиска серија – н.з.) и на слична содржина, можеби не го разбирате значењето. Интересно е како понекогаш не гледа остатокот од светот – истакна Саугејт.

Хрватска вечерва ќе се сретне со Англија во Риека (20.45 часот), во дуелот од Лигата на нациите.

Саутгејт ја посочи телевизиската серија „Фолти тауерс“ како пример на англискиот хумор