Кој може до подвигот за почит – три трофеи во една сезона?

85

Досега седум екипи во една сезона биле прваци на Европа и на своите земји и освојувачи на националниот куп. Сезонава во игра за хет-трик се Барселона, ПСЖ, Манчестер с., Ајакс, Баерн, Порто…, но не и Реал, Ливерпул, Јувентус итн.

Во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, во вторник и в среда ќе се играат реваншите од осминафиналето, по кои ќе бидат познати првите четири екипи што ќе ги продолжат натпреварите и ќе атакуваат на титулата. Некои од тие екипи се и во трка по шампионските титули во националните шампионати, како и за освојување на трофеите во купот. Тоа значи дека е можно некој да ја освои „тројната круна“ во една сезона, што во историјата на ЛШ досега им успеало само на седум екипи од шест земји.

Ваков успех прв направи Селтик, во сезоната 1966/67, а потоа и Ајакс во 1971/72, ПСВ во 1987/88, Манчестер јунајтед во 1998/99, Барселона двапати, во 2008/2009 и во 2014/2015, Интер во 2009/2010 и Баерн во сезоната 2012/2013.

Барселона предводена од маестралниот Лионел Меси е на добар пат третпат да се закити со трите пехари со оглед на фактот дека во првиот осминафинален меч во ЛШ, на гости против Лион одигра без голови, 0-0. Во шпанската Ла лига води убедливо на табелата, а во „кралскиот куп“ во полуфиналето го елиминира Реал.
Шанси за освојување на трите трофеи има и ПСЖ. Во ЛШ е пред пласман во четврт-финалето по победата над Манчестер јунајтед, на гости со 2-0. Во Лига 1 е пред шампионска промоција бидејќи има 17 бода предност пред второпласираниот Лил, а во францускиот куп е полуфиналист.

Солидни изгледи за „тројка“ има и Манчестер сити, кој го пречекува Шалке дома во ЛШ (победи со 3-2 во првиот меч). Во Премиер-лигата Сити има еден бод помалку од водечкиот Ливерпул, а во ФА-купот е во четврт-финалето во кое се среќава со Свонси, на 16 март.

Порто можеби е аутсајдер во оваа конкуренција, но е „активен“ на трите фронта. Во ЛШ дома ја пречекува Рома (пораз со 1-2 во првиот натпревар), во шампионатот на Португалија е лидер со еден бод предност пред Бенфика, а во националниот куп во првиот полуфинален меч ја совлада Брага со 3-0.

Ајакс го очекува тешка задача затоа што во ЛШ го загуби првиот меч, од Реал во Амстердам (1-2). Во холандското првенство Ајакс е втор, со минус два бода зад ПСВ, а во купот ќе игра во финалето против Вилјем Втори или против АЗ Алкмар.

Баерн одигра без голови против Ливерпул на гости во првиот осминафинален меч во ЛШ, а во Бундес-лигата е втор, со заостаток од три бода зад Борусија Дортмунд. Во германскиот куп Баерн во четврт-финалето ќе игра со Хајденхајм, на 3 април. Лион има само теоретски шанси за освојување три трофеи. Во ЛШ го чека „невозможна мисија“ да ја елиминира Барселона, а во француската Лига 1 е трет со минус од 22 бода зад ПСЖ. Во националниот куп е полуфиналист.

Како и за Лион и за вториот клуб од Манчестер, Јунајтед, сѐ е во рамките на теоријата. Во ЛШ на гости на ПСЖ му оди со негатива од два гола, во Премиер-лигата е петти со минус од 14 бода зад Ливерпул, а во ФА-купот, во четврт-финалето, игра против Вулверхемтон, на 16 март.

Шалке, пак, во ЛШ, во реваншот од осминафиналето му гостува на Сити, во Бундес-лигата е на 14-та позиција со 31 бод помалку од Борусија, а во купот, во четврт-финалето игра против Вердер, на 4 април.