Кој да досуди пенал против национализмот

136

(НЕ)НАУЧЕНИ ЛЕКЦИИ ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ

Голем број светски државници и претседатели, премиери, кралски екселенции, принцови, џетсет-личности, сите на едно место. Од Владимир Путин и Дмитри Медведев, претседателот и премиерот на Русија, па Мохамед бин Салман бин Абдулазис, принцот на Саудиска Арабија, до Фелипе Шести, кралот на Шпанија, и белгискиот крал Филип со двајцата синови-принцови, потоа Емануел Макрон, претседател на Франција, и Колинда Грабар-Китаровиќ, претседателка на Хрватска, како и Мик Џегер од „Ролингстонси“ и славните поранешни фудбалери Диего Марадона и Петер Шмајхел… Сите тие, како и многу други познати јавни личности, беа и се неизбежен декор на Светското првенство (СП) во фудбал во Русија, кое минатите триесетина дена е во центарот на вниманието на целокупната светска, и не само спортско-фудбалска, јавност и кое климаксот ќе го доживее в недела.

Сите овие јавни личности, како и милионскиот аудиториум пред малите екрани, ги привлекува убавината на фудбалската магија, борбата, енергијата, неизвесноста, пожртвуваноста и секој потег на актерите на зелениот терен. Но токму тука на теренот, но и надвор од него, за време на Светското првенство се случија некои работи што немаат ништо заедничко со фудбалот и со благородноста на спортот воопшто. Неколку крајно неприкладни испади фрлија темна дамка на спортот и на фудбалот. СП само во еден дел е спортски настан, во поголем дел е комерцијално-политички, кој го следат неколку милијарди луѓе во светот, и сосема е неприкладно доколку приредбата се зачини со национализам. Пред сѐ, затоа што спортот и политиката (а пред сѐ национализмот) теоретски треба да бидат одвоени, државата да се држи настрана. Но секому му е јасно дека тоа се само зборови и фрази оти врвниот спорт не може да опстојува без државна поткрепа и заштита на сите нивоа, сѐ е испреплетено и функционира како неделива целина, па, оттука, доаѓа и до негова злоупотреба. Оттаму, не зачудува тоа што на големите спортски настани има сѐ повеќе и повеќе важни државни челници што преку спортот, во конкретниот случај фудбалот, сакаат да ги промовираат својата земја, актуелната политика и своите достигнувања.

Спортските успеси се дел од националното самопотврдување, постои колективно тежнение за што подобри резултати, односно идентификација со нацијата. Оттаму и грижата на државата за спортот воопшто, особено за професионалниот, мора да се прифати како реалност. Но сепак мора да се прави разлика меѓу родољубие, патриотизам, сакање на сопствената држава и изблиците на национализам, односно истакнување на етничката припадност или играњето со чувствата на другите.
Неприфатливо е кога се манипулира со национализмот во спортот, чија првенствена цел, нели, е да ги обединува луѓето и народите. За жал, последниве години некои моќници, групации, па и земји, било од политичка или од деловна гледна точка, го злоупотребуваат спортот и му даваат негативна улога, ширејќи омраза, национализам, па и расизам. Понекогаш тоа се прави свесно, за да се канализираат народните маси, или, пак, да се разбие нивната критичка маса.

Успешните настапи на завршниот турнир кај многу народи продуцираат огромна енергија, која ги поминува нивните граници и ги прави да се чувствуваат гордо. Затоа не зачудува и колективното масовното славје деновиве низ улиците и градовите во Хрватска, Франција, Англија…
Стереотипите изобилуваат со описи, како оној дека еден национален фудбалски тим ја изразува душата на една нација, на пример ефективноста и прецизноста на Германците или играњето самба на Бразилците. Незаборавните приказни од некои СП честопати се национална апотеоза (величење на јунаците) или, пак, национална катастрофа.

Многу национални тимови денес се одраз на децениите на миграција, на начинот на кој дијаспората се сплотила со нацијата. На пример, четири од пет африкански селекции во своите состави имаат играчи родени во западноевропски земји, во Франција, Белгија или во Холандија. Повеќе од 60 отсто од фудбалерите на мароканската селекција се родени надвор од Мароко, а некои од нив подобро зборуваат француски, фламански или холандски отколку мароканскиот арапски. За среќа, на СП во Русија досега, освен некои повремени, индивидуални испади на неколкумина фудбалери, на трибините и низ градовите немаше националистички, ниту пак расистички испади.

За време на мечот Швајцарија – Србија (2-1), двајца швајцарски репрезентативци, Џердан Шаќири и Гранит Џака, инаку етнички Албанци, головите што ги постигнаа ги прославија со прекрстени раце на градите, што ги симболизира „двата орли“ на албанското знаме, и му дадоа ново, несакано значење на фудбалот. Го замешаа спортот со националполитиката, што наиде на широка осуда и следуваа парични казни од ФИФА. Сличен гаф направи и Хрватот Домагој Вида, кој победата над Русија во четврт-финалето ѝ ја посвети на Украина, земја со која Русија не е во најдобри односи. Следува извинување од Хрватите и од Вида за непотребното мешање баби и жаби. Познатиот англискиот поп-музичар, Стинг, се огласи деновиве во германските медиуми велејќи дека на сите СП, па и ова во Русија, има „премногу национализам“, оти ФИФА е крајно „корумпирана организација“ и затоа повеќе сака да гледа клупски фудбал, но и призна дека, сепак, следи што се случува во Русија.
Со изјава во негативна конотација се јави и славниот Аргентинец Диего Марадона, инаку амбасадор на ФИФА. Тој рече дека судиите (Американецот Марк Гајгер) суделе во полза на Англија и ја ограбиле Колумбија во осминафиналето. Но Марадона ја прелеа чашата со изјавата дека во полуфиналето се пласирале клубови составени од мигранти.

– Во Русија на сите натпревари повеќето навиваат за своите репрезентации, односно за своите земји. Сите се облечени во дресовите на својата репрезентација, ги веат националните, државни знамиња, ги слават успесите на своите миленици, сето тоа е своевиден националпатриотизам, но во позитивна конотација. Јас ги следам натпреварите на СП во Русија, ги следам и странските медиуми, руските на пример, и таму постојано се истакнува добрата организација и сѐ што оди со тоа. Што се однесува до неколкуте испади врз националистичка основа, сметам дека станува збор за индивидуални, непромислени ексцеси, кои малку ја поматија позитивната слика. Но севкупно, немаше никакви други испади, навредливи слогани од трибините и слично, како што се случувало во минатото – вели професорот по социологија на спорт Констатин Миновски.

Во таква атмосфера, со покачено ниво на страстите, СП во Русија се доближува до своето крешчендо. Како што е тоа вообичаено во таква атмосфера, сме слушале, слушаме, а, за жал, најверојатно и во иднина ќе гледаме постапки, ќе слушаме изјави, коментари, судови во кои ќе провејува негативната страна на човековото битие. Колку и да сакаме да наоѓаме оправдување за ваквите постапки или зборови, оправдување нема, бидејќи нив ги следат во секој момент милиони љубители на фудбалската игра, но пред сѐ младите, кои лесно можат да се поведат по ваквите негативни ставови и да ги прифатат како свои, бидејќи тие се пласирани од нивните идоли. Затоа овие испади и инциденти мора најостро да се осудат и да се санкционираат ако сакаме да се задржи привлечноста на фудбалската игра. Впрочем, и паролата и мотото на ФИФА е „не на расизмот“, што во никој случај не значи – „да“ за национализмот, како што некои фудбалски актери се обидоа да го претстават и протнат на погрешна врата.