Коронавирусот го напаѓа и европскиот фудбал

26
Стадионот „Џупезе Меаца“ во Милано

Реванш-мечот Интер – Лудогорец во Лига Европа, утревечер, во Милано ќе се игра зад затворени врати

Реванш-мечот од шеснаесеттинафиналето во Лига Европа (ЛЕ), Интер – Лудогорец (2-0 во првиот натпревар), утревечер ќе се одигра зад затворени врати на стадионот „Џупезе Меаца“ во Милано, поради стравувањата од ширење на коронавирусот.
Италија е земја со најголем број регистрирани случаи (околу 230, но таа бројка постојано расте), заразени од овој вирус во Европа. Многу училишта и колеџи се затворени во Милано, но локалниот транспортен систем функционира без проблеми. Повеќе од 600 навивачи на Лудогорец требаше да патуваат од Бугарија на натпреварот.

Италијанската новинска агенција (АНСА) објави дека во Ломбардија биле одложени 88 фудбалски дуели во аматерска конкуренција. Минатиот викенд беа одложени четири меча во Серија А, Интер – Сампдорија, Аталанта – Сасуоло, Торино – Парма и Верона – Калјари, но засега не се знае дали ќе има некакви ограничувања за неделниот дерби-натпревар, Јувентус – Интер во Торино, кои се на првата, односно на третата позиција на табелата.
Сепак, по состанокот на официјалните лица на Лигата пред два дена, претседателот на италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), Габриеле Гравина, рече дека „планиравме и побаравме натпреварите да ги играме зад затворени врати. Тоа би можело да се случи уште в недела“.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте исто така ја најави можноста за одложување повеќе натпревари.
– И јас сум љубител на спортот, но ќе мора малку да бидеме трпеливи, бидејќи во овој момент не знам дали мерките за забрана за големи собири ќе продолжат да се спроведуваат и наредните денови – изјави Конте.

Во регионите на Ломбардија и на Венето, во неколку помали градови е воведен карантин, што значи дека во следните две недели 50.000 жители не ќе можат да заминат од нив без посебна дозвола. Дури и надвор од таа зона, многу бизниси и училишта ги суспендираа активностите, а спортски настани се откажани.
Во Кина, каде што се појави вирусот минатата година, заразени се околу 77.000 луѓе, а над 2.600 умреа.