Кога фудбалерите ќе се скараат со своите менаџери

377

Голманот на Челси, Кепа Аранзабалага остана без еднонеделната плата од скоро 200 илјади фунти поради тоа што одби да се замени за време на финалето на Карабао-купот во неделата против Манчестер сити. Тимот од „Стенфорд Бриџ“ на пенали загуби во финалето, а реакцијата на менаџерот на Челси, Маурицио Сари беше хит на социјалните мрежи.

– Иако беше недоразбирање, јас направив голема грешка со тоа како се справив со ситуацијата – рече најскапиот голман на сите сите времиња, кој за 71 милиони фунти дојде во Лондон од шпански Атлетик Билбао. Неговиот менаџер Сари, кој бурно реагираше на аут-линијата, по сите шпекулации дека можеби Кепа повеќе и нема да го видиме во дресот на Челси, се обиде да ги смири страстите и рече дека разговарал со Баскиецот, а сè што се случувало на крајот од овој натпревар било недоразбирање.

Иако неделната плата на Кепа Аранзабалага ќе оди за добротворни цели, ова недоразбирање дополнително ја разнишува позицијата на Италијанецот Сари, кој и претходно во неколку наврати беше критикуван од фудбалската јавност дека многу слабо комуницира со своите фудбалери, а тоа се одрази и на минатите слаби резулатати на тимот од Лондон.

Со слични проблеми и несогласувања претходно во Челси се соочуваа и искусните менаџери Антонио Конте и Жозе Мурињо (португалецот во два наврати), кои поради несогласувања со своите фудбалери ја губеа контролата врз „соблекувалната“, а тоа се одразуваше со пад на формата и евентуални откази за овие искусни стратези.

Но, во фудбалската историја, често пати се случувало фудбалерите поради различни причини да влезат во конфликт со своите надредени, а и менаџерите и фудбалерите со одредени реакции, поради нефудбалски причини да се најдат во центарот на вниманието на јавноста.

Дека можеби Италијанците (и фудбалерите и менаџерите) најстрасно ја доживуваат фудбалската игра, доказ се повеќето несекојдневни реакции на сегашниот селектор на италијанската репрезентација Роберто Манчини, кој додека беше менаџер на Манчестер сити неколку пати влегуваше во конфликт со контроверзниот фудбалер Марио Балотели. Како најзначајна, може да се издвои реакцијата на пријателскиот натпревар против Лос Анџелес галакси, кога тој беше принуден да го извади од игра Балотели поради несериозност на теренот. Овие двајца влегуваа во конфликти и за време на тренинзите, најчесто поради „детинестото“ однесување на Балотели.

Манчини во сезоната 2011/2012, додека беше менаџер на Манчестер сити, влезе во конфликт и со Аргентинецот Карлос Тевез, кој одби да влезе во игра од клупата на натпревар од Лигата на шампионите против Баерн Минхен. Тевез го разлути и Манчини, но и навивачите на „сините“, а потоа овие двајца најдоа начин да ги надминат разликите и да продолжат со соработката.
Во многу посериозен физички конфликт со свој играч влезе Италијанецот Делио Роси во 2012 година кога беше на кормилото на Фиорентина од Фиренца. Поради несогласување поради замена, србинот Адем Љајиќ му дофрли неколку збора на својот тренер, а тој одлучи физички да се пресмета со крилниот напаѓач.

Легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед, Сер Алекс Фергусон, кој за многу познавачи на фудбалската игра е најдобриот на сите времиња во својата професија, своевремено во неколку наврати влегуваше во конфликт со своите најдобри играчи. По наводните несогласувања на тренинзите, темпераментниот играч од средниот ред на „Црвените ѓаволи“ Рој Кин во медиумите ги критикуваше своите соиграчи, а тоа не му се допадна на Фергусон, а играчот набрзо потоа го напушти тимот од „Олд Трафорд“ во 2005 година.

Слична беше ситуацијата и со легендарниот Дејвид Бекам, кој наводно тимот од црвениот дел на Манчестер го напуши токму поради расправија со искусниот менаџер, кој не бил задоволен од пристапот на играчот кој фудбалската игра. Пред трансферот на Бекам од Манчестер јунајтед во Реал Мадрид во 2003 година, јавноста беше разбранувана со сега легендарната приказна, во која навнодно Сер Алекс шутнал копачка кон главата на Англичанецот и му ја повредил аркадата.

Во оваа категорија вреди да се споменат и недоразбирањата на селекторот на Франција Рејмонд Доменеч со сите играчи од неговата репрезентација за време на светското првенство во Јужна Африка во 2010 година, а напаѓачот Николас Анелка по јавните критики за тренерот, беше испратен дома и не го заврши првенството.

Поранешниот тренер на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, кој неславно ја заврши својата „одисеја“ во црвениот дел од Манчестер, често пати знаеше да ги критикува сопствените играчи и да влегува во конфликт со нив преку медиумите. Несогласувањата со Пол Погба, токму пред последниот негов натпревар на клупата на „Црвените ѓаволи“, како и лошата игра на неговиот тим, можеби беа главните причини поради кои Португалецот доби отказ.

Конкурентната природа на фудбалската игра значи дека судирите меѓу играчите и тренерите се неизбежни. Често пати овие конфлики се решаваат зад затворени врати, но постојат многу случаи во кои поради ситуациите како гореспоменатите, или играчите или тренерите биле принудени да го напуштат својот клуб.