Клубовите ќе загубат четири милијарди евра

17

Се најавуваат мерки за одржливост на фудбалската индустрија на долг рок, откако анализата на Европската клупска асоцијација (ЕКА) покажа дека приходите на клубовите ќе се намалат од проценетите 22 на 20,4 милијарди евра сезонава и од 23,1 на 20,7 милијарди евра за следната сезона

ФУДБАЛ – СПОРЕД АНАЛИЗА НА ЕКА

Пандемијата на коронавирусот на врвните европски фудбалски клубови ќе им нанесе загуби од околу четири милијарди евра, се истакнува во студијата на
Европската клупска асоцијација (ЕКА). Исто така, се додава дека големи загуби ќе се почувствуваат и во следната сезона, дури и ако се одигра во целост, објави „Ројтерс“.

– Финансиското влијание на ковид-19 врз европските клубови, колку што може да се види сега, веќе е шокантно, и покрај тоа што повеќето лиги и натпревари повторно се играат. Но таквото влијание нема да запре и ќе продолжи наредната сезона, па затоа мора да преземеме мерки за да создадеме поодржлива фудбалска индустрија на долг рок – вели главниот извршен директор на ЕКА, Чарли Маршал.
Анализата на ЕКА покажува дека приходите на клубовите ќе се намалат од проценетите 22 милијарди евра на 20,4 милијарди сезонава и од 23,1 милијарди евра на 20,7 милијарди за следната сезона, 2020/2021. Овие бројки не вклучуваат приходи од трансферите на играчи, пишува во студијата, а пренесе „Ројтерс“.

Во 55-те национални здруженија на Европа, постојат повеќе од 700 клуба во првите лиги. Но една неодамнешна студија на Европската фудбалска унија (УЕФА) покажа дека првите 30 клуба остваруваат речиси половина од вкупните приходи. 


„Претстојниот преоден рок ќе ја покаже  ’здравствената‘ состојба на фудбалот“

Европскиот фудбал беше суспендиран во март и по речиси тримесечна пауза се рестартира, со тоа што натпреварите се играат без гледачи. Ова беше особено голем удар врз помалите лиги каде што клубовите многу повеќе зависат од приходите на посетителите на стадионите. Главниот извршен директор на ЕКА, Чарли Маршал, вели дека претстојниот преоден рок ќе ја покаже „здравствената“ состојба на фудбалот.
– Тоа е императив, бидејќи уште живееме со ковид-19 и, ако ништо друго, научивме дека да се биде флексибилен и подготвен за непредвидливоста е дел од нашата иднина – рече Маршал.