Клубовите од помалите лиги со минимални шанси за пласман во новиот формат на ЛШ

104

Лигата на шампионите каква што ја познаваме може да е при крај, откако „Асошиејтед прес“ го објави планот на УЕФА со кој од 2024 година дури 24 клуба би имале „заштитен“ статус во европската елита без разлика на домашниот пласман, додека би биле отворени само четири места за квалификанти.

УЕФА го разгледува предлогот со кој би се креирале групи по осум клуба кои би почнувале со натпреварите уште во август, со миминални шанси за пласман на клубовите од помалите лиги. Според „АП“, 24 од 32 места во 2024/25 би биле гарантирани за големите европски клубови.

Четири клуба од ЛШ би „испаѓале“ во Лига Европа, додека четири клуба од Лига Европа (полуфиналистите) би влегле во елитата. Со ова патот на клубовите од малите европски фудбалски нации, како Македонија, би бил практично невозможен. Покрај тоа, ако би се вовела оваа практика, овогодишните полуфиналисти, Ајакс, кои беа вице-шампиони во Холандија, воопшто не би учествувале во лигата.

Според „АП“, ова бил предлогот кој се дал на сите европски лиги во средата, но од УЕФА објасниле дека се работи само за „идеи и мислења“ околу можната иднина. Овие предлози пак, во исто време се идентични со барањата на Европската асоцијација на клубови (ЕЦА), односно здружението на големите и богатите европски клубови предводена од претседателот на Јувентус, Андреа Ањели.