Клоп: Многу е важно да се справите со поразите на вистинскиот начин

62

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, вели дека не тагува многу по поразите, ниту пак се радува претерано по победите. Тој знае дека двата исхода се минливи, поразите имаат врска со лекциите и со реакцијата, а триумфите треба да бидат отскочна штица за континуиран успех

ФУДБАЛ

Германецот Јирген Клоп, во интервјуто за „Индепендент“ објаснува како им помогнале поразите нему и на Ливерпул да станат победници, и зошто ќе атакува на нова, наместо да ја брани титулата следната сезона. По освојувањето на фудбалската титула во Англија, по 30-годишна пауза, некои од легендите на Ливерпул, како Стивен Џерард, апелираа да му се изгради споменик, а Кени Далглиш рече дека Клоп „олицетворува сѐ што е битно за клубот“.
Од минатиот четврток вечерта неговиот телефон не престанува да прима честитки и пораки. Но откако си обезбеди почесно место во историјата на Ливерпул, можеби по малку изненадувачки, Клоп вели дека следниот „викенд му поминал нормално“ и оти „веќе размислува за Манчестер сити“ пред утрешниот меч.

Таа способност за фокусирање на „големата слика“ во менаџерската кариера е дел од причината зошто Ливерпул е шампион на Англија на седум кола пред крајот со огромна бодовна разлика. Клоп (53) вели дека не тагува многу по поразите, ниту пак се радува претерано по победите. Тој знае дека двата исхода се минливи, поразите имаат врска со лекциите и со реакцијата, а триумфите треба да бидат отскочна штица за континуиран успех.
Ливерпул ги совлада тие два елемента под негово водство. Во 2016 година „црвените“ загубија две финалиња, во Лига-купот од Манчестер сити и во Лига Европа од Севилја. Две години подоцна дојде поразот во Лигата на шампионите (ЛШ) од Реал. Но лани и годинава сето тоа беше надоместено и наплатено со камата. Во Мадрид беше освоена шестата титула првак на Европа, прв трофеј на „црвените“ со Клоп, потоа следуваше триумфот во Суперкупот на УЕФА, па на клупското Светско првенство и неодамна 19-та титула првак на Англија. Клубот стана огледало на нивниот менаџер, кој ист таков удел имаше и во успесите на Мајнц и на Борусија Дортмунд.

Клоп верува дека Ливерпул не би го достигнал ова ниво без разочарувачките искуства и дека тој не би станал човек или лидер каков што е денес. Тој двапати за малку не успеа да се пласира во Бундес-лигата со Мајнц, за конечно да му успее тоа во третиот обид. Дортмунд го загуби финалето во ЛШ во 2013 година од Баерн, со примен гол во 89-та минута.
– Многу е важно да се справите со поразите на вистинскиот начин. Морав да го научам тоа рано во животот, особено во тренерската кариера. Имав многу неуспеси. Со Мајнц не успеавме за еден бод, па поради полоша гол-разлика, а потоа се пласиравме со најмалку освоени бодови. Дортмунд еднаш не се квалификува за Европа, а потоа загуби во финале на ЛШ. Јас сум добар пример дека животот продолжува.

Би имал многу причини да кажам доста е и да речам „повеќе нема да се обидувам“. Очигледно не е лесно да се преживеат тие моменти, но треба да се справите со тоа, бидејќи тоа се само информации и ако ги искористите правилно, чувството е добро. Ако не ги искористите правилно, не помага многу. Секогаш се справувам со тоа и затоа стигнавме до тука, затоа момците го направија ова, тие го прифатија тоа размислување и навистина ми се допаѓаат нивните реакции.

Во минатата сезона не победивме во Премиер-лигата со 97 бода, но ја освоивме ЛШ и тоа ни помогна. Имавме многу мотиви, многу искуство и прекрасна парада низ градот, која ни помогна многу сезонава. Но нема шанси да не пробуваме и да не се обидуваме повторно. Сакам да го играме најдобриот фудбал што можеме да го играме. Не гледам дека можете да освоите нешто ако го браните тоа. Победивме минатата година, добро, но сега повторно ќе нападнеме. Нема гаранција дека ќе го сториме тоа, но ќе се обидеме – вели, меѓу другото, Клоп.