Килијан Мбапе е осмиот тинејџер шампион

90

Французинот со голот во финалето се израмни со Пеле, а вкупно влезе во малата група влијателни тинејџери на светските прваци, во која е и, на пример, Италијанецот Бергоми

Французинот Килијан Мбапе (19) е првиот тинејџер со огромно влијание во играта на новиот светски фудбалски првак, по Италијанецот Џузепе Бергоми од Светското првенство (СП) во 1982 година (тогаш 18-годишен, стандарден член, играше во финалето) и првиот што постигнува гол во финален меч, по Бразилецот Пеле од СП 1958 (тогаш со 17 години, а постигна два).
Мбапе и Пеле се единствените тинејџери што покрај во финалето, постигнувале голови и во текот на турнирот кога нивните селекции станале светски прваци (Пеле шест гола, два во финале, Мбапе 4/1). Но, Бразил од 1958 година е единствениот светски првак што во своите редови имал двајца тинејџери, покрај Пеле уште и Хозе Алтафини (19), познат како Мацола, кој, пак, постигна два гола во групната фаза.

Вкупно, досегашните светски шампиони само седум пати во своите состави имале толку млади фудбалери, иако некои од нив во победничките години не играле за своите селекции (како Роналдо за Бразил на СП 1994).
Кај преостанатите светски прваци најмладите во составите имале од 20 до 22 години. Од нив најголем ефект во текот на турнирот имале Италијанецот Даниеле де Роси на СП 2006 (тогаш 22 години, стандарден, постигна и гол во пенал-рулетот во финалето), Германецот Рајнер Бонхоф на СП 1974 (22 г., стандарден, еден гол на СП и асистент во финалето) и Уругваецот Пабло Дорадо на СП 1930 (22 г., два гола, еден во финалето, стрелец на првиот гол во едно финале на СП).
Од оваа група (млади, но не тинејџери) најмало влијание, пак, од попознатите фудбалери имале, на пример, Французинот Давид Трезеге (СП 1998, еден меч, еден гол, во 2. коло), Бразилецот Кака (25 минути на СП 2002), а меѓу тинејџерите Роналдо.