Киксови, голови, солзи – Реал повторно на врвот на Европа

641
Феноменалниот гол на Бејл со „ножички“

Во финалето на годинашната Лига на шампионите (ЛШ) во Киев, Реал Мадрид го победи Ливерпул со 3-1 и со тоа испиша нова страница во фудбалската историја, станувајќи прв тим што трипати во низа го подигна славеничкиот пехар во најквалитетното лигашко натпреварување

Фудбалерот што требаше да биде херој на Ливерпул, го напушти теренот со насолзени очи по половина час игра поради повреда. Фудбалерот што не смееше да биде на голот на Ливерпул, направи две несфатливи и кардинални грешки со што ја турна својата екипа во длабока бездна, многу посилно отколку што грубиот играч на Реал, Серхио Рамос го турна на теренот играчот на Ливерпул, Мохамед Салах, пред повредата и солзите.

Фудбалерот што тренерот на Реал Зинедин Зидан го чуваше за последните 30 минути од средбата, практично го одлучи финалето со феноменалниот гол со „ножички“ уште од првиот контакт со топката, а потоа му даде шанса на голманот на Англичаните, Лорис Кариус, уште еднаш да направи несфатлив кикс за конечен пораз, а рекордна 13-та титула на шпанскиот кралски клуб. Во Мадрид ова финале ќе се памети по волшебниот гол на велшанецот Герет Бејл, а во Ливерпул, пак, по големата шанса да се триумфира во ЛШ, а која отиде в неврат…
Првпат во историјата на ова најквалитетно европско фудбалско клупско натпреварување ЛШ, еден клуб успеа да врзе три триумфи. Тоа го направија избраниците на Зинедин Зидан, тренер, кој уште не изгубил двомеч, ни финале во ЛШ! Некогаш голем фудбалер на теренот, а сега трофеен тренер, го направи со своите фудбалери, она што многумина и го очекуваа од него, но на начин, пак, кој многумина, сепак и не го очекуваа.

Иако на хартија беше јасно кој е фаворит во ова финале и кој веќе стекна навика да игра големи дуели, сепак не се очекуваше токму тој тим да добие и толкава голема помош, колку што му ја даде во Киев таа саботна вечер, голманот на Ливерпул, Кариус.
Германскиот голман во 51-та минута го „погоди“ Карим Бензема во ногата при исфрлањето на топката со рака, што беше доволно таа да се одбие и да влезе во неговата мрежа за водство од 1-0. Садио Мане од Ливерпул експресно возврати за 1-1 во 55-та минута, а потоа се случи најубавиот момент во таа киевска вечер.
На сцената стапи Герет Бејл, кој откако влезе на теренот (61-ва минута), по само 122 секунди со перфектно одмерен удар т.н. „ножички“, ја смести топката зад грбот на Кариус, кој беше „прекус“да го одбрани тоа.

Самоуверениот Бејл повторно во 84-та минута упати силен удар од околу 25 метри. Топката одеше право кон Кариус, но на големо изненадување на фудбалерите и целиот стадион, тој наместо рутински да ја смири, погрешно ги постави рацете и дозволи таа само да се лизне од неговите ракавици и влезе во мрежа за 3-1. Со овој гол Бејл стана единствен играч кому му успеало во финалињата во ЛШ да влезе на теренот како резерва и двапати да се впише во листата на стрелците. Победникот веќе се наѕираше. Импресивната сезона на Ливерпул, сепак, не беше доволна да го прекине европското владеење на Реал.
На тој начин Реал трипати во низа дојде до титулата во ЛШ, што досега им успеало само на три клуба. Прв беше токму Реал, првакот на Европа од 1956 до 1960, втор е холандски Ајакс, кој владееше во 1971, 1972 и во 1973, а трет е бундеслигаш Баерн, кој победи во 1974, 1975 и во 1976.

Фудбалерот на Реал, пак, Кристијано Роналдо, постави рекорд што тешко дека брзо ќе биде надминат. Португалецот стана првиот фудбалер што може да се пофали со пет титули, откога ова натпреварување и официјално е трансформирано во ЛШ. Откога најдобрите клубови играат во едно натпреварување, тоа им успеало само на Франсиско Пако Генто (Реал М., шест титули), Алфредо ди Стефано, Хосе Марија Зарага (двајцата од Реал М., пет титули) и Паоло Малдини (Милан, пет титули). Истакнатиот лев бек на „росонерите“, своите први две титули (1989 и 1990), ги освои играјќи по стариот формат. 


Роналдо си заминува од Реал?!

По Киев, по бројот на трофеите во ЛШ, Кристијано Роналдо (33) и Ливерпул се израмнија и сега е 5-5! По победата над Ливерпул, Роналдо, носителот на годинашнава „златна топка“, сепак со шок-изјава за своите навивачи.
– Беше преубаво да се игра за Реал. Победата и влегувањето во историјата е најважна работа. Ние сме победници, сега уживам, а иднината на поединецот и не е толку важна. Ќе им кажам на навивачите, ќе дознаат навреме – нагласи Португалецот.


Хендерсон: Нe сум сигурен што се случи

Не сум сигурен што се случи. Кај „ножичките“ Кариус не можеше ништо да стори, а кај третиот гол, топката најверојатно го промени својот правец. Не станува збор за него и за неговите грешки, туку за нас како тим. Дојдовме овде како екипа, изгубивме исто така сите заедно како екипа. Горд сум на моите соиграчи и на навивачите, кои дојдоа да нѐ бодрат. Брзо мораме да го заборавиме ова, оти новата сезона наскоро ќе почне – рече капитенот на Ливерпул, Џордан Хендерсон.


Бејл: Овa мора да е најубавиот финален гол

Секако дека бев разочаран што не го почнав натпреварот оти сметам дека заслужив. Најдоброто што можев да го направам беше да влезам во игра и да направам разлика – и тоа го сторив. Голот со „ножички“ мора да е најубавиот гол досега во финалните дуели во ЛШ. Среќен сум само поради победата. Бев повреден, но сега сум подготвен – истакна Бејл по натпреварот.


Досегашни победници во ЛШ

Реал (13 пати), Милан (7), Баерн (5), Барселона (5), Ливерпул (5), Ајакс (4), Манчестер јунајтед (3), Интер (3), Јувентус (2), Бенфика (2), Нотингем форест (2), Порто (2), Селтик (1), Хамбург (1), Стеауа (1), Марсеј (1), Борусија Дортмунд (1), Челси (1), Фејнорд (1), Астон Вила (1), Ајндховен (1), Црвена звезда (1).


Реал – Ливерпул 3-1

Стрелци: Бензема (51. мин.), Бејл (64. и 83. мин.) за Реал Мадрид. Мане (55. мин.), за Ливерпул.
РЕАЛ: Навас, Карвахал (од 37. мин., Начо), Варан, Рамос, Марсело, Касемиро, Крос, Модриќ, Иско (од 60. мин., Бејл), Роналдо, Бензема (од 89. мин., Асенсио).
ЛИВЕРПУЛ: Каријус, Александер Арнолд, Ловрен, Ван Дајк, Робертсон, Хендерсон, Милнер (од 83. мин., Џан), Вајналдум, Мане, Салах (од 31 мин., Лалана), Фирмино.