Кејн: Привилегија е да се работи со Мурињо, еден од најдобрите менаџери во светот

78

Мурињо сака да победува, тука е за да победува со Тотенхем. Сезонава нема можности за освојување трофеи, но во следната тоа му е целта. Сѐ се врти околу победувањето, тој јасно ни го стави до знаење тоа, вели Кејн

Напаѓачот на премиерлигашот Тотенхем, Хари Кејн (26), разговараше со клупската легенда, Глен Ходл, за „БТ-спорт“, за значењето на играњето во европските фудбалски купови, за работењето со Жозе Мурињо и за тоа како реагира на прашањата за физичката подготвеност по шестмесечната пауза поради повредата. По рестартирањето на првенството, Кејн ги одигра сите пет меча, постигна и два гола, но, како што вели, има многу повисоки цели. Лига Европа останува реална цел.
– Сезонава е разочарувачка за нас, бидејќи не сме таму каде што сакаме да бидеме како клуб, а знам дека и навивачите се разочарани. Поминаа одлични шест години од кои пет во низа игравме во ЛШ. Но не е можно секоја сезона да биде добра, за жал, таков е фудбалот – вели Кејн.

Минатиот јуни настапот во финалето на Лигата на шампионите беше едно од најголемите клупски достигнувања, но, сепак, недоволно Маурицио Почетино да остане на менаџерската функција. Тој по лошиот почеток на сезоната во ноември лани доби отказ. Кејн признава дека бил изненаден поради отказот на Почетино, но и истакнува оти е решен да изгради добра врска со Мурињо.
– Тие дефинитивно имаат два различни стила како менаџери, но тоа е одлично. Веќе изградивме добар однос и многу често разговараме. Привилегија е да се работи со него, можност да се научи нешто ново од еден од најдобрите менаџери во светот. Тој сака да победува, тука е за да победува со тимот. Сезонава нема можности за освојување трофеи, но во следната тоа е целта. Сѐ се врти околу победувањето, тој јасно ни го стави до знаење тоа – вели Кејн. 


„Треба да се фокусирам на некои други работи, да бидам помудар“

Хари Кејн е опседнат и со личниот фудбалски напредок. По рестартирањето и згуснатиот распоред на натпреварите беше забележливо дека не е најдобро подготвен.
– Лично, од меч на меч се чувствував сѐ подобро. Ги гледам секој ден податоците во однос на ГПС-статистиките и тие се доста слични, па дури и повисоки од просекот пред повредата. Задоволен сум поради тоа, сега ќе ми треба да се фокусирам на некои други работи, да бидам помудар. На добро место сум, тоа е многу важно, како за мене така и за тимот – вели Кејн, центарфор на Тотенхем.