Кепа Аризабалага е најскапиот голман на светот

117
Кепа Аризабалага

Челси за голманот на Атлетик Билбао, плати 80 милиони евра, пет повеќе отколку што даде Ливерпул за Алисон

Трансферите на голманите, оние врвните, полека но сигурно се израмнија со оние на најбараните, напаѓачите, играчите од средниот ред, па и центархалфовите. Летово нога повлече Ливерпул, кој за Бразилецот Алисон Бекер на Рома ѝ плати 75 милиони евра.

Но набргу Челси се погрижи тој трансфер да биде надминат.
Челси замена за Куртоа најде во Кепа Аризабалага (23), голманот на Атлетик Билбао за кого ќе плати 80 милиони евра, колку што е неговата откупна клаузула. За понеупатените Кепа е еден од најперспективните голмани во Ла лига, има брзи рефлекси и му е резерва на Давид де Хеа во репрезентацијата на Шпанија. Кепа веќе има 54 настапи за Атлетик, а беше дел од сите младински шпански селекции. Тој беше на голот на шпанскиот состав (до 19 години) што триумфира на Европското првенство (ЕП) 2012 година. Овој трансфер би бил рекорден кога станува збор за голман, но и за Челси, кој најмногу пари има дадено лани за центарфорот Алваро Мората, 65 милиони евра, на Реал.

Тибо Куртоа (26), голманот на Челси е пред трансфер во Реал Мадрид, и не се појави во клубот во понеделникот по одморот што го имаше по СП во Русија на кое беше прогласен за најдобар голман. Куртоа дојде во Челси од 2011 година од Генк, но веднаш потоа беше испратен на заем во Атлетико каде што мина три сезони. Куртоа има 154 настапи за Челси од кои на 58 нема примено гол, а во јануари не сакаше да го продолжи договорот. Тој повеќепати најавуваше дека сака да се врати во Мадрид и да биде поблиску до двете деца, кои живеат таму со поранешната сопруга. Голема е веројатноста овој трансфер да се реализира со оглед на тоа дека следното лето Куртоа би бил слободен играч. Процените се дека Реал за Куртоа би морал да плати 40 милиони евра, што не се многу пари за голман од таков калибар.

Шпанските медиуми објавија дека Челси бил заинтересиран и за голманот на Атлетико, Словенецот Јан Облак (25), но проблемот бил во високата откупна клаузула од 100 милиони евра, но и во тоа што Облак не бил заинтересиран да си замине од Мадрид.
Извесното доаѓање на Куртоа во редовите на актуелниот првак на Европа, значи дека ќе нема место за Костариканецот Кејлор Навас. Тој имаше неколку добри сезони во Реал, но и покрај тоа веројатно ќе мора да си бара нов клуб.

Нова средина по сѐ изгледа ќе мора да побара и Колумбиецот Давид Оспина (29), голманот на Арсенал, кој е трета опција кај „топчиите“, по Германецот Бернд Лено, кој дојде во јуни од Баер Леверкузен и ветеранот Петр Чех. Оспина преговара со турскиот Бешикташ.

Од другите голмански трансфери што го свртеа вниманието летово беше и заминувањето на Џанлуиџи Буфон (40) од Јувентус во ПСЖ, како слободен играч.