Катарците го претставија дизајнот на стадионот за финалето на СП

51

Стадионот „Лусаил“, оддалечен 15 км северно од центарот на Доха, ќе биде домаќин и на премиерниот меч на СП, а има капацитет од 80.000 места

Организаторите на фуд­бал­ското Светско првенство (СП) во Катар во 2022 година го претставија дизајнот на стадионот каде што ќе се одигра финалето. Стадионот „Лусаил“, кој е со капацитет од 80.000 места, ќе биде најголемиот од сите на кои ќе се играат натпреварите на тоа СП. Тој стадион, оддалечен 15 км северно од центарот на Доха, ќе биде домаќин и на премиерниот меч на СП, прво што ќе се одржи наесен, од 21 ноември до 18 декември 2022 година.

– Поминаа осум години откако ја добивме организацијата на СП 2022 и тогаш му порачавме на светот дека од нас може да очекува неверојатни работи. Горд сум со овој прекрасен дизајн на нашиот ексклузивен стадион и се надевам дека исполнивме дел од тоа ветување – рече Хасан ал Тавади, генерален секретар на Комисијата за испорака и наследство на Катар, чија изјава ја пренесе Би-би-си.

По завршувањето на СП, стадионот за чија изградба ќе се потрошат околу една милијарда долари, ќе биде трансформиран во мултифункционален, повеќенаменски објект, со училишта, кафулиња, спортски сали, здравствени установи и трговски центри. За да се олеснат тие промени капацитетот на стадионот ќе се намали за 20.000 места. Стадионот ќе биде дел од новиот град во пустината со околу 200.000 жители и за чија изградба Катарците ќе вложат околу 50 милијарди долари.

– Новиот стадион е поздрав до нашето минато и симбол на возбудливата иднина. Тој се наоѓа на местото што е дом на основачот на нашата нација, во срцето на сосема нов град. Тоа е град на иднината и откако ќе заврши СП тој ќе претставува битен дел од наследството бидејќи ќе се трансформира и ќе стане срцето на една сосема нова заедница – рече Ал Тавади.

Дизајнот на стадионот, уникатен според многу работи, е дело на британската архитектонска компанија „Фостер и партнерите“ и за инспирација зел дел од наследството на Катар. Арапската архитектонска смисла што ја слави древната традиција на занаетчиството во регионот, е една од најважните особини на импозантната структура. Изградбата на стадионот е почната лани во април и би требало да заврши до 2020 година.