Камерите ќе фатат сѐ на СП 2018?

1090

Сите 64 меча на СП ќе бидат покриени со по 37 камери, плус по осум за суперзабавени снимки и по една на кабел и летачка, со преноси во најмодерната ТВ-технологија, со ултрависока резолуција и со висок динамички опсег

Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека секој од 64-те натпревари на Светското првенство (СП) во Русија ќе биде покриен со 37 камери, плус по осум за суперзабавени снимки и по една на кабел и летачка, со преноси во најмодерната телевизиска технологија, со ултрависока резолуција (УХД) и со висок динамички опсег (ХДР). ФИФА додава дека на љубителите на фудбалот ќе им овозможи натпреварите да ги следат и во виртуелната реалност (3Д), „како да се на самото место“.

Технологијата УХД/ХДР поедноставено значи повисок степен на контраст помеѓу светлите и темните слики на екранот, со што се создава многу пореална слика. УХД-технологијата е преземена од филмското платно, од киносалите, со многу пореалистична слика отколку што ја има на телевизорите со „обична“ ХД-технологија. Многумина во видеоиндустријата велат дека ХДР претставува значително поголем чекор во квалитетот на сликата отколку во УХД-резолуцијата. Што се однесува во другите технолошки новитети на СП 2018, најголемо внимание привлекува примената, првпат на едно големо натпреварување, на системот видеопомошник-судија (ВАР). Полемиките околу (не)употребата на оваа технологија не стивнуваат, а мислењата се поделени, од позитивни до крајно негативни.

Во неделата, на пример (негативен) на бундеслигашкиот меч Мајнц – Фрајбург (2-0), судијата досуди пенал за Мајнц по истекот на првите 45 минути, по прегледот на снимката и ги повика фудбалерите што веќе беа во соблекувалните да се вратат на теренот за да се изведе пеналот. ВАР се употребува во Италија, Германија, Англија (само од четврт-финалето на ФА-купот), а од следната и во Шпанија и во Франција, но искуствата и мислењата се поделени. Пред неколку дена англиските премиерлигаши беа едногласни против употребата на ВАР и во следната сезона.

На страната на премиерлигашите е и Европската фудбалска унија (УЕФА), која е скептична и нема да користи ВАР на мечевите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) во следната сезона. На СП во Русија, покрај ВАР, вторпат, по СП 2014 во Бразил, ќе се користи гол-технологијата што во минатите години во практиката се покажа како многу делотворна – технологијата за гол-линијата. Швајцарскиот производител на скапи и квалитетни часовници „Убло“, еден од спонзорите на СП, го промовира најсовремениот часовник што ќе го користат судиите во Русија.

Часовникот ќе чини околу 5.000 евра, а она што го прави посебен, освен направените само 2.018 парчиња, е широкиот асортиман на софтверот. На часовникот ќе може да се добиваат најразлични статистички податоци и информации поврзани со СП. И, секако, часовникот, како дел од гол-технологијата, ќе вибрира и ќе покажува „гол“ секогаш кога топката ќе заврши зад гол-линијата. Верзијата на овој часовник „дискретно“ веќе беше тестирана на некои натпревари под ингеренција на ФИФА во 2017 година и очекувањата се дека тие ќе им бидат од корист на судиите на СП. 


„Новиот“ ВАР ќе го револуционизира фудбалот?

Неодамна, на 1 април (можеби како првоаприлска шега) во британскиот таблоид „Сан“, беше објавен текст за уредот што ќе го носат судиите на главите (дигитален екран во 3Д-технологија) преку кој во најбрзо можно време ќе можат да ги видат повторените спорни ситуации. Засега судиите трчаат покрај аут-линијата за да ја видат снимката или чекаат видеоасистентите (ВАР) од контролната соба да им јават дали одлуката е в ред. Според весникот, станува збор за уред, комбинација на реални со виртуелни слики, производ на јапонската фирма „Сони“, кој чини околу 6.000 евра. Со вградената мрежа на дигитални линии вметнати на теренот на судијата ќе му се овозможи прецизно да утврди дали има офсајд, а со уникатниот скенер за движење, исто така, ќе може да открие дали играчот симулира паѓање и прекршок, и сето тоа во реално време. Од тој уред сликата ќе се пренесува и на гигантските екрани на стадионите, за да видат и навивачите што се случува. Шега или не, како што напредува технологијата нема да биде чудно доколку ваквите уреди во блиска иднина станат составен дел од опремата на судиите на секој фудбалски натпревар.