И Реал Мадрид наскоро со женски фудбалски клуб

52

Неделава управата на клубот ќе одржи состанок, на кој се очекува усвојување на одлуката да се купи локалниот клуб Депортиво Такон за околу 400.000 евра

По 117 години долга историја, шпанскиот фудбалски клуб Реал Мадрид, од оваа недела, се очекува да има и женска екипа, со што ќе им се приклучи на големите европски екипи, кои многу одамна го направиле тоа. А Реал Мадрид, 13-кратниот европски првак, по малку чудно, е единствениот голем клуб во Шпанија што нема женска екипа.

Овој клуб е формиран во 2014 година, потекнува од мадридската четврт Хорталеза, а годинава влезе во Првата лига. Неговото име е синоним за работа, организација, храброст. Но во редовите на Реал Мадрид размислуваат да му дадат ново име на клубот откако ќе го преземат. Фудбалерките ќе тренираат во спортскиот центар на Реал Мадрид во квартот Валдебебас на север од градот, под водство на тренерот Давид Азнар. Тука тренира и машката кошаркарска екипа, која, пак, изминатиов петок ја одбрани првенствената титула на Шпанија.

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, не беше многу заинтересиран за формирање женски тим, но во последно време се зголеми притисокот врз него, како од УЕФА така и од заинтересираните спонзори. Во Реал Мадрид во овој период на транзиција, одбиваат да доведат звучни женски имиња од странство.


Познати женски клубови
Лион (Франција), Барселона (Шпанија), Франкфурт (Германија), Волсбург (Германија), Арсенал (Англија), ПСЖ (Франција), Ѓургарден (Шведска), Ѕвезда (Русија), Дуизбург (Германија), Фортуна (Норвешка), Бирмингем (Англија), Манчестер сити (Англија), Брондби (Данска), Баерн Минхен (Германија), Монпелје (Франција) и други.