И навивачите на Јувентус му аплаудираа на џелатот на Старата дама

1052

Најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо беше награден со аплаузи од најверните навивачи на Јувентус, и покрај тоа што редовно постигнува погодоци против нивниот омилен тим, како што тоа го стори и вечерва, во победата на Реал Мадрид од 3-0 во Торино, во првиот меч од четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ).

Повод за помалку неочекуваната реакција на симпатизерите на Старата дама, беше спектакуларниот гол на крилниот напаѓач на „кралевите“ со ножички во 64-та минута, по што Роналдо се заблагодари за убавиот гест на италијанските љубители на фудбалот. Тој беше стрелец и на првиот погодок за актуелниот двократен европски првак во третата минута, додека Марсело го постави конечниот резултат во 72-та минута. Јувентус остана со десетмина фудбалери на теренот, откако Пауло Дибала беше исклучен во 66-та минута поради втор жолт картон.

Португалецот на тој начин ја продолжи својата импресивна серија настапи против Јувентус, на кои постигна вкупно девет гола на шест средби, со што погоди барем по еднаш на секоја од нив. Роналдо беше двоен стрелец против италијанскиот клуб и во ланското финале на ЛШ кое Реал го доби со 4-1.

Во вториот вечерашен меч, Баерн беше подобар од Севилја со 2-1 на гости. Реваншите се закажани за 11 април.

Утре се играат натпреварите Барселона – Рома и Ливерпул – Манчестер сити (20.45 часот).