И бековите и центархалфовите наскоро ќе чинат по 100 милиони евра

137
Арон ван Бисака

На трендот скапи зделки за одбранбени играчи летово му се приклучи и Манчестер јунајтед, кој за десниот бек на Кристал палас, 21-годишниот Арон ван Бисака, издвои 50 милиони фунти (55,8 милиони евра), а во најава е големиот трансфер на ајаксовиот тинејџер Де Лихт

Според италијанските медиуми, Јувентус ги завршил сите формалности околу трансферот на холандскиот репрезентативец, 19-годишниот центархалф на Ајакс, Матијас де Лихт, и претстои негова официјална промоција во црно-белиот дрес откако ќе се врати од одморот на Бахамите. Трансферот на Де Лихт, според извори на „Кориере дело спорт“, ќе го чини Јувентус 75 милиони евра, плус 12-те милиони евра годишна плата. Откупната клаузула за Де Лихт, кој треба да потпише петгодишен договор со „старата дама“, ќе изнесува 150 милиони евра.

На трендот скапи зделки за одбранбени играчи летово му се приклучи и Манчестер јунајтед, кој за десниот бек на Кристал палас, 21-годишниот Арон ван Бисака, издвои 50 милиони фунти (55,8 милиони евра). Трансферите на овие двајца играчи покажуваат дека клубовите повеќе не штедат пари за млади, талентирани и квалитетни одбранбени играчи, што не беше случај во минатото. Таквиот тренд е најава дека во скоро време тие ќе се израмнат со напаѓачите, односно трансферите ќе го пробијат плафонот од 100 милиони евра.
Засега најскап трансфер на одбранбен играч и понатаму останува оној на Холанѓанецот Вирџил ван Дајк, за кого Ливерпул на Саутемптон во јануари 2018 година му плати 83,7 милиони евра. Вложеното се покажа како добра инвестиција имајќи предвид дека „црвените“ минатиот месец во Мадрид ја освоија шестата титула првак на Европа, а Ван Дајк беше прогласен за најдобар фудбалер на сезоната 2018/2019 во Премиер-лигата.

Левиот бек на француската репрезентација и на Атлетико, Лукас Ернандез, светскиот првак од Русија во 2018 година, е новиот фудбалер на Баерн, кој за неговите услуги мораше да плати 76 милиони евра, до неодамна незамислива сума за бек.
Актуелниот првак на Англија, Манчестер сити, откако не успеа да го ангажира Ван Дајк, замена најде во францускиот интернационалец Емерик Лапорт, кому во јануари 2018-та на Атлетик Билбао му плати 64 милиони евра, што се покажа како добра инвестиција, имајќи на ум дека Лапорт беше најдобриот во одбраната на „граѓаните“ и еден од најзаслужните за одбраната на англиската титула.

Рекордниот трансфер за одбранбен играч го направи Сити во летото 2017-та купувајќи го левиот бек Бенжамин Менди од Монако за 58 милиони евра.
По 50 милиони фунти (55,8 милиони евра), како и Манчестер јунајтед за Ван Бисака, дадоа ПСЖ на Челси во 2014-та, за Бразилецот Давид Луиз, и повторно Манчестер сити на Тотенхем, за десниот бек Кајл Вокер во 2017 година. Двете освоени шампионски титули, двата лига-купа и еден ФА-куп се потврда дека тоа не биле фрлени пари.

Меѓу најскапите трансфери на одбранбени играчи се вбројуваат оние на Џон Стоунс, од Евертон во Манчестер сити, за 53 милиони евра во 2017-та, и на Едер Милитао летово, од Порто во Реал за 47 милиони евра. 


Одбраната е клучна за успехот на тимот

Важноста на одбранбените фудбалери ескалира последниве години. Од центрахалфовите и од бековите се очекува да придонесуваат за тимот повеќе од кога било. Врвните централни играч сега поседуваат технички квалитети како играчите од средниот ред, а бековите сѐ повеќе и сѐ повисоко се на противничката половина. Најдобрите одбранбени играчи поседуваат сѐ што е потребно, но дефанзивните вештини и понатаму остануваат клучни.
Во оваа констелација се неизбежни и голманите, чии цени, исто така, вртоглаво растат. Лани Челси, односно Ливерпул, ги направија рекордните голмански трансфери. Челси за Кепа Аризбалага на Атлетик му плати 72 милиони фунти (80 милиони евра), а Ливерпул на Рома за Алисон Бекер мораше да ѝ плати 65 милиони фунти (72,5 милиони евра).
Засега нема најави за нови, високи голмански трансфери, но квалитетните голмани се сѐ побарани, па, оттаму, и цените ќе растат.