Инфантино сака женско СП со 32 репрезентации

25

Инфантино вети и дека ФИФА ќе ги зголеми вложувањата во женскиот фудбал во светот до една милијарда долари (од половина милијарда долари) во текот на следниот четиригодишен циклус

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, сака да го прошири женското Светско првенство (СП) од 24 на 32 репрезентации за следното, закажано за 2023 година, како и удвојување на паричните награди до 60 милиони долари.

– Сакам проширен турнир со 32 селекции. Ќе мораме брзо да дејствуваме и да одлучиме дали треба да го сториме тоа за 2023 година. Ништо не е невозможно – изјави Инфантино.

Крајниот рок за доставување на документите за домаќин на следното СП беше во април годинава, а домаќинот треба да биде одреден во март 2020 година. Но ова може да се промени доколку има проширување на 32 селекции.
Девет земји се кандидираа за домаќин: Аргентина, Австралија, Боливија, Бразил, Колумбија, Јапонија, Нов Зеланд, Јужна Африка и Јужна Кореја.

Инфантино финалниот турнир на СП во Франција 2019 година го нарече „најдобро Светското првенство досега“, наведувајќи ги бројките што покажуваат дека натпреварите ги гледале над една милијарда гледачи во светот.
Меѓу повеќето можности за подобрување е удвојувањето на вкупниот награден фонд на СП на 60 милиони долари. На машкото СП лани во Русија, со 32 екипи, наградниот фонд изнесуваше 400 милиони долари.

Инфантино вети и дека ФИФА ќе ги зголеми вложувањата во женскиот фудбал во светот до една милијарда долари (од половина милијарда долари) во текот на следниот четиригодишен циклус.
Тој зборуваше и за создавање меѓународна женска лига, со промоција и испаѓање, како што е Лигата на нациите кај мажите, заради подобрување на конкурентноста на СП.