Инфантино: ВАР чекори во вистинската насока

65

Не можеме да се преправаме дека ВАР е совршен. Но секако дека има напредок. Ќе работиме заедно и ако треба да се приспособиме, ќе адаптираме одредени работи затоа што тоа е работа во тек. Сакаме да бидеме модерни. Сакаме да ги слушаме искуствата, вели претседателот на ФИФА

Изненаден сум од влијанието на ВАР, дури и како концепт или како збор, како термин. Да не заборавиме дека првиот настан во кој официјално се користеше ВАР беше Светското првенство во 2018 година. Значи, пред една и пол година, а сега се користи во речиси 50 земји редовно. Не можеме да се преправаме дека ВАР е совршен. Но секако дека има напредок, тоа се, секако, чекори во вистинската насока и од помош им се на судиите, вели претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, за ТВ-каналот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Употребата на ВАР предизвика многу контроверзии, а многу навивачи сметаат дека се меша подалеку од оригиналната замислена надлежност, да ги разгледува и да ги коригира очигледните грешки, како и дека донесувањето на одлуките трае предолго. Во англиската Премиер-лига, каде што беше воведен сезонава, критичарите на ВАР се жалат дека видеосудиите што ја следат играта на монитори во затворена просторија ги донесувале главните одлуки, наместо службените лица на теренот.

За разлика од повеќето други европски натпреварувања, на судиите во Премиер-лигата, надлежното судиско тело, одговорно за судиите на натпреварите, им сугерирало да не ги користат мониторите на теренот туку да се потпираат на она што ќе им го кажат видеоасистентите од контролната соба. Исклучок е одлучувањето помеѓу жолт или црвен картон. Една скорешна анкета покажала дека шест од 10 навивачи сметаат оти ВАР функционира лошо во Премиер-лигата.

– Јас сум сигурен кога го гледам искуството направено во оние земји што користат ВАР веќе три години, како што е Италија, на пример. Во почетокот, Италија помина низ некои турбулентни времиња, со доста критичари. Затоа, јас не би ги сфаќал сегашните критики или критичари, особено од Англија и во Премиер-лигата, драматично. Нема причина ВАР да не биде успешен како и на кое било друго место. Ќе работиме заедно и ако треба да се приспособиме, ќе адаптираме одредени работи затоа што тоа е работа во тек. Сакаме да бидеме модерни. Сакаме да ги слушаме искуствата – рече Инфантино. 


Мурињо предлага преименување, од ВАР во ВР

Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, по мечот со Манчестер сити на новинарите им изјави дека системот треба да се преименува во ВР (видеосудија), наместо ВАР (видеопомошник-судија) затоа што судијата на теренот повеќе не донесува одлуки.
– Ако на судиите не им биде дозволено да појдат до екранот и да донесат битна одлука за мечот, тогаш треба да се смени името од ВАР во ВР. Во овој момент судиите што се на теренот не ги донесуваат најважните одлуки. Дајте му на судијата да го има последниот збор, дајте му можност да отиде до ТВ-мониторот и да донесе одлука. Не ги прифаќам грешките на видеосудијата – рече Мурињо.


ВАР е „тука за да остане“, но ќе се менува

Идејата за отфрлање на ВАР е комплетно исклучена, но постои сфаќање дека се потребни некои измени, особено при толкувањето на правилото за офсајд, вели новиот главен извршен директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс

Англиската фудбалска Премиер-лига инсистира на тоа дека системот видеопомошник-судија (ВАР) е „тука за да остане“. Идејата за отфрлање на ВАР е комплетно исклучена, но постои сфаќање дека се потребни некои измени, особено при толкувањето на правилото за офсајд. Говорејќи на прес-конференција по назначувањето за нов главен извршен директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс рече дека со клубовите во април ќе има „повеќе разговори“ за евентуалните измени.
Премиер-лигата спроведе и анкета меѓу навивачите, според која 67 отсто од нив сметаат дека ВАР го направил фудбалот понеинтересен, но и дека 74 отсто се ВАР да остане, со измени.
– Секако дека ВАР ќе биде со нас и следната сезона. Мислам дека се потребни некои појаснувања и прецизирања за офсајдот. Дали е играчот во офсајд со пазувата или со петицата, или сакаме малку толеранција. Тоа е еден вид технички предизвик. Ние сме во постојан дијалог со Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ, телото задолжено за промени на фудбалските правила – н.з.) за тоа, за начинот како се прави тоа во Премиер-лигата, како во другите лиги и што можеме да научиме од нив. Поголемиот дел навивачи сакаат системот ВАР да успее и да продолжи да се употребува. Патем, грешките се сведени на најмала мера, мислам дека 94 проценти од клучните одлуки се точни, како и 97 проценти од одлуките на асистентите, и тоа влијае врз исходот на натпреварите, врз табелите – рече Мастерс.
ВАР се употребува во повеќе од 30 земји во целиот свет, во многу меѓународни клупски натпреварувања, како Лигата на шампионите, како и на репрезентациите. Л.Д.