Има повеќе опции за комплетирање на сезоната во фудбалската ЛШ

62

Се наоѓаме во вонредна ситуација, затоа сме флексибилни со датумите. Ако кризата се намали, тогаш можеме да продолжиме порано. Можеме да играме според сегашниот систем или со по еден меч на неутрален терен. Постои и опција да се игра финален турнир со осум или со четири екипи. Единствената погрешна одлука што би можеле да ја донесеме сега е да играме и со тоа да ги доведеме во опасност здравјето и безбедноста на играчите, навивачите и на судиите. Но ако имаме безбедни услови, тогаш не гледам проблем, вели Александер Чеферин, претседател на УЕФА

Првиот човек на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, има предвид специфичен датум за завршување на двете европски клупски натпреварувања, а тоа е до 3 август како последен можен датум за одигрување на финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) за сезонава, ја пренесува изјавата на Чеферин за германската телевизија ЦДФ, интернет-порталот „Гол“ (goal.com).
Поради пандемијата на коронавирусот се прекинати сите спортски натпреварувања во речиси сите земји. Повеќето врвни лиги се суспендирани на неодредено време. Таквата пауза ја принуди Европската фудбалска унија да го одложи и Европското првенство (ЕП) за 12 месеци, а за клупската сезона целта е таа да биде завршена до крајот на јуни, но многумина се сомневаат дека тоа е реално, што доведе до дебати за тоа што ќе се случи ако пандемијата не се намали.
Чеферин вели дека за ЛШ и за Лига Европа (ЛЕ) откажувањето е како опција, ако натпреварувањата не бидат завршени до почетокот на август. Тој посочи дека се разгледуваат и потенцијални промени и во нокаут-фазата.

– Лигата на шампионите и Лига Европа мора да завршат до 3 август. Се наоѓаме во вонредна ситуација, затоа сме флексибилни со датумите. Ако кризата се намали, тогаш можеме да продолжиме порано. Можеме да играме според сегашниот систем или со по еден натпревар на неутрален терен. Постои и опција да се игра финален турнир со осум или со четири екипи. Единствената погрешна одлука што би можеле да ја донесеме сега е да играме и со тоа да ги доведеме во опасност здравјето и безбедноста на играчите, на навивачите и на судиите. Но ако имаме безбедни услови, тогаш не гледам проблем – изјавил Чеферин за ЦДФ.

Во заедничко писмо на УЕФА, Здружението на клубовите (ЕКА) и на Здружението на европските лиги (ЕЛ), се вели дека уште е рано домашните шампионати да се откажат.
– Убедени сме дека фудбалот може да продолжи во наредните месеци, во услови што ќе ги диктираат јавните власти, и веруваме дека секоја одлука за откажување на домашните натпреварувања во оваа фаза, е прерана и неоправдана – се истакнува во писмото испратено до лигите, клубовите и националните здруженија, потпишано од Чеферин, од претседателот на ЕКА, Андреа Ањели и од претседателот на ЕЛ, Ларс-Кристер Олсон.

Во писмото понатаму се додава и дека е „потребно заедничко усогласување на календарите, бидејќи крајот на тековната сезона мора да се координира со почетокот на следната. Идеално би било натпреварите да продолжат од средината на мај. Од огромна важност е натпреварувањата да се одлучуваат на терен, во согласност со правилата и титулите да се доделат врз основа на резултатите“.