Иличиќ: Аталанта веќе не е изненадување

62

Аталанта веќе не е изненадување. Правиме одлични работи и сакаме да продолжиме, да покажеме дека заслужуваме да бидеме тука, рече словенечкиот репрезентативец Јосип Иличиќ (32), кој постигна четири гола во победата со 4-3 на Аталанта на гости кај Валенсија, по што италијанскиот тим се пласира во четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите (вкупен резултат 8-4).

Во вториот дуел во вторникот, Лајпциг уште еднаш го победи актуелниот европски вицешампион Тотенхем, овој пат дома со 3-0 (на гости беше 1-0) со што и германскиот тим, кој дебитира во нокаут-фазата, го оствари најголемиот успех досега во Лигата на шампионите (ЛШ).

Иличиќ стана првиот играч што постигна четири гола во нокаут-натпревар во ЛШ на гости. Тој постигна 16 погодока на претходните 12 натпревари во сите натпреварувања, а Аталанта 28 на седум натпревари и постигна четири или повеќе голови на шест од претходните 12 меча. Аталанта со пласманот меѓу осумте најдобри се приклучи на листата на која сега има осум тима што успеале во својата прва сезона во ЛШ да се пласираат во четврт-финалето. Претходен пат тоа го оствари англискиот Лестер во сезоната 2016/2017.


Рекорди – десетти хет-трик сезонава, првпат три „четворки“

Јосип Иличиќ од Аталанта е стрелец на десеттиот хет-трик (три гола) на меч од фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) сезонава, рекорд на ова натпреварување (досега со девет хет-трика најуспешна беше сезоната 2016/2017). Сезонава хет-трик постигнаа и Ерлинг Холанд (за Салцбург), Мислав Оршиќ (Динамо), Серж Гнабри (Баерн), Рахим Стерлинг (Манчестер с.), Килијан Мбапе (ПСЖ), Родриго (Реал), Роберт Левандовски (Баерн), Аркадиуш Милик (Наполи) и Габриел Жезус (Манчестер с.). Напаѓачот на Аталанта е третиот фудбалер што сезонава постигна четири гола на еден натпревар (заедно со Гнарби и со Левандовски) со што ова е сезона со најмногу „четворки“ во ЛШ. Рекордери со по пет гола на еден натпревар во ЛШ се Лионел Меси (во 2012 година) и Луиз Адриано (2014-та).