Идната недела почнува „операцијата“ пласман на ЕП 2020

129
Игор Ангеловски

Кон крајот на месецов, на 21, односно на 24 март, со натпреварите со Летонија во Скопје, односно со Словенија во Љубљана, Македонија ќе ја почне квалификациската кампања за пласман на Европското првенство (ЕП) во фудбал во 2020 година.

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, најави дека списокот на фудбалерите на кои ќе смета за двата меча ќе го објави идната недела.

– Во составот ќе нема некои поголеми промени, поточно на списокот ќе се најдат 22 до 23 играчи, главно проверени и познати имиња, кои имаа успешни настапи, прво во квалификациите за СП 2018 во Русија, потоа и во Лигата на нациите (ЛН) минатата есен. За наша жал не ќе можеме да сметаме на повредениот Аријан Адеми од Динамо Загреб, кој мора да оди на операција и ќе паузира неколку недели. Иван Тричковски од АЕК Ларнака, исто така, се повреди и јас сум во очекување на деталите околу тежината на повредата и за тоа дали ќе може да сметаме на него. Има уште неколкумина што имаат полесни повреди, но сите се во тренажен процес и очекувам да се појават на првата прозивка – вели Ангеловски.

Што се однесува до формата на стандардните и најискусни репрезентативци, т.н. носители на играта, Ангеловски има само пофални зборови.

– Ги следам настапите на македонските интернационалци, нивните игри и резултатите на нивните клубови. Капитенот Горан Пандев ги одигра вторите 45 минути на мечот Џенова – Сасуоло во неделата, во добра форма се и Енис Барди од Леванте, Илија Несторовски и Александар Трајковски од Палермо, Стефан Ристовски од Спортинг…

Езгјан Алиоски блеска во Лидс во дивизијата Чемпионшип, на позицијата бек-крило, која како да е пресликана од репрезентацијата. Јас само посакувам сите да ги одминат какви било повреди и здрави да се појават на подготовките – вели Ангеловски.
Ангеловски го закажа собирот на репрезентативците за 18 март во Скопје каде што ќе се тренира до мечот со Летонија. Следниот ден по мечот се патува за Љубљана, на дуелот против Словенија.

Македонија е во групата Г уште и со репрезентациите на Полска, Израел и Австрија. На ЕП 2020 ќе се пласираат првите две селекции од секоја квалификациска група.


Првите два ривала имаат нови селектори

За двата противника, Летонија и Словенија, имаме соодветни сознанија, снимки, знаеме со какви играчи располагаат. Но со оглед на тоа дека имаат нови селектори, Летонците Славиша Стојановиќ, поранешен селектор токму на Словенија (од октомври 2011 до декември 2012-та – н.з.), а Словенците го вратија Матјаж Кек, кој на таа функција е од октомври лани, можни се некакви промени во нивните формации, во начинот на игра. Но најбитната работа е ние добро да се подготвиме и да одиграме најдобро што можеме во моментов, рече македонскиот селектор Игор Ангеловски. Л.Д.


ГРУПА Г, 1. КОЛО
Македонија – Летонија 21 март
Австрија – Полска 21 март
Израел – Словенија 21 март