„Златната топка“ ќе замине во други раце?

350

Меси и Роналдо по пет пати ја добиваа оваа награда во последните 10 години, но со оглед на настапите и резултатите на нивните селекции на СП 2018 можно е некој друг да биде прогласен за најдобар годинава

Реал Мадрид има дури осум фудбалери во потесниот избор од 30 номинирани за наградата „златна топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“, за фудбалер на годината. Тоа се Серхио Рамос, Марсело, Иско, Рафаел Варан, Карим Бензема, Лука Модриќ и Герет Бејл, кои трета сезона по ред триумфираа во Лигата на шампионите. Во конкуренција се и 11 фудбалери од англиската Премиер-лига.

На поширокиот список се и Португалецот Кристијано Роналдо (Реал/Јувентус) и Аргентинецот Лионел Меси (Барселона), кои по петпати ја добиваа оваа награда во последните 10 години. Но со оглед на настапите и резултатите на нивните селекции, Аргентина и Португалија, на Светското првенство (СП) во Русија можно е некој друг да биде прогласен за најдобар. Во прв план е Хрватот Лука Модриќ, кој во септември го доби признанието на ФИФА за најдобар фудбалер за 2018-та, а ја доби и „златната топка“ за најдобар фудбалер на Светското првенство во Русија, каде што Хрватска го освои второто место. Реални шанси за добивање на признанието имаат и Французите Килијан Мбапе и Антоан Гризман, кои, пак, станаа светски прваци во Русија (Мбапе беше избран за најдобар млад фудбалер на тој Мундијал).

Признанието „златна топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“ се доделува од 1956 година, а прв добитник беше Англичанецот Стенли Метјус. Во периодот од 2010 до 2015 година наградата беше заедничка, со Светската фудбалска федерација (ФИФА) и се нарекуваше „златна топка на ФИФА“.

Листата со кандидати за наградата ја составува уредништвото на „Франс фудбал“, а во гласањето учествуваат новинари од целиот свет, со по еден глас од секоја земја. Годинашното доделување на наградите ќе биде на 3 декември во Париз, а првпат ќе биде прогласена и најдобрата фудбалерка на годината, како и најдобриот млад играч.
Ланското признание го доби Роналдо. Наградата се доделува според три критериуми. Најпрвин според настапите и успесите во текот на календарската година, за талентот и за ферплејот, како и според постигнувања во текот на целата кариера. 


Номинирани се и четворица голмани – Куртоа, Лорис, Бекер и Облак

На листата номинирани за наградата „златна топка“ се Серхио Агуеро (Аргентина/Манчестер сити), Алисон Бекер (Бразил/Ливерпул), Герет Бејл (Велс/Реал), Карим Бензема (Франција/Реал), Единсон Кавани (Уругвај/ПСЖ), Тибо Куртоа (Белгија/Реал), Кристијано Роналдо (Португалија/Јувентус), Кевин де Брујне (Белгија/Манчестер сити), Роберто Фирмино (Бразил/Ливерпул), Диего Годин (Уругвај /Атлетико), Антоан Гризман (Франција/Атлетико), Еден Азар (Белгија/Челси), Иско (Шпанија/Реал), Хари Кејн (Англија/Тотенхем), Н’Голо Канте (Франција/Челси), Марсело (Бразил/Реал), Килијан Мбапе (Франција, ПСЖ), Уго Лорис (Франција/Тотенхем), Марио Манџукиќ (Хрватска/Јувентус), Садио Мане (Сенегал/Ливерпул), Пол Погба (Франција/Манчестер јунајтед), Нејмар (Бразил/ПСЖ), Лионел Меси (Аргентина/Барселона), Лука Модриќ (Хрватска/Реал), Јан Облак (Словенија/Атлетико), Серхио Рамос (Шпанија/Реал), Иван Ракитиќ (Хрватска/Барселона), Мохамед Салах (Египет/Ливерпул), Рафаел Варан (Франција/Реал) и Луис Суарез (Уругвај/Барселона).