„Златната топка“ и трендовите на светскиот фудбал

130

Списокот со кандидати ги илустрира големите промени во светскиот фудбал, листите редовно ги одразуваат периодите на доминација на одредени првенства и
нивото на некои земји, како и важноста од освојувањето на ЛШ, пишува „Франс фудбал“, кој добитникот на „Златната топка“ за годинава ќе го објави на 2 декември

По 25-ти пат во историјата, францускиот магазин „Франс фудбал“ ја состави листата со номинирани фудбалери во изборот на најдобриот на годината, кој ќе го освои престижното признание „Златна топка“. Вкупно 180-те членови на жирито пред неколку дена завршија со гласањето, а победникот ќе биде откриен на 2 декември, на церемонијата на доделување на трофејот. До 1995 година кандидатите беа предлагани од самите гласачи, а редакцијата на магазинот потоа донесе одлука да составува список на кандидати, првично со 50 имиња, а од 2008 година со 30.

Веќе 25 години списокот ги илустрира големите промени во светскиот фудбал, пишува „Франс фудбал“. Така, листите редовно ги одразуваат периодите на доминација на одредени првенства. Не е изненадувачки, половина од номинираните годинава се од Премиер-лигата, а илустрација за доминацијата на клубовите од тоа првенство е тоа дека финалисти во двата европски купа беа четири англиски клуба. Со тоа, преостанатите првенства се помалку застапени, како шпанската Ла лига, доминантна во претходните години, како на пример лани, кога 14 кандидати играа во Шпанија, а годинава тие се само седум, пишува магазинот.

Со текот на времето овој модел редовно се повторува. Во 1998 година, 20 номинирани (од 50) играа во Серија А, а во 2010 година, околу една третина од номинираните настапуваа во Шпанија. Покрај клубовите, списокот на кандидати го одразува и нивото на некои земји. Списокот за 2019 година означува пресврт, оти е првиот во историјата во кој не се појавува ниту еден Шпанец. Од таа земја често ги заземаа почесните места, благодарение на Чави, Иниеста или на Раул, но шпански играч не победил во трката за „Златната топка“ од 1960 година, кога признанието го освои Луис Суарез. Досега Шпанците биле на списокот, со особено просперитетен период од 2008 до 2012 година, со најмалку по шест кандидати секоја година, пишува „Франс фудбал“.

И некои други големи фудбалски нации доживуваат пад во бројноста на листата, па Германија (рекордер со фудбалери на подиумот, 28, вклучувајќи седум први места) има само еден кандидат годинава, Марк-Андре тер Штеген, пишува „Франс фудбал“. Италија нема ниту еден, седми пат. Спротивно на ова, од други селекции годинава одлично играа, па водени од успехот на Ајакс, Холанѓаните на списокот номинирани го изедначуваат својот рекорд од 2000 година, со пет претставници. Сенегал, исто така, изедначи рекорд со двајца именувани, првпат по 2002 година, пишува меѓу другото францускиот магазин.

Друг тренд на листата на кандидати е важното присуство на фудбалери што ја освојувале Лигата на шампионите (ЛШ). Седум члена на Ливерпул се именувани годинава, како нова илустрација за важноста на ЛШ во определувањето на најдобриот играч на светот. Од 1995 година, меѓу номинираните има просечно повеќе од пет освојувачи на ЛШ. Рекордот е од лани, кога кандидати беа осум фудбалери на европскиот шампион Реал Мадрид (вклучувајќи го и Кристијано Роналдо, кој по титулата замина во Јувентус). Спротивно на тоа, во 2012 година беше номиниран само еден играч на Челси, Дидие Дрогба (тоа лето замина во Галатасарај). Освојувањето на ЛШ често обезбедува место меѓу номинираните, а претходниве години тој трофеј речиси стана услов за освојување на „Златната топка“, оти од 2007 година, од дванаесет доделени награди, девет ги освои фудбалер што со својот клуб станал европски првак таа година, пишува „Франс фудбал“. 


Од годинава вкупно четири награди

„Франс фудбал“ годинава воведе нова награда, „Лав Јашин“, за најдобар голман, од лани ја доделува и наградата „Златна топка“ за најдобра фудбалерка и „Рајмонд Копа“ за најдобар млад фудбалер, а од 1956 година наградата „Златна топка“ за најдобар фудбалер.
Кандидати за „Златната топка“ за 2019 година се Вирџил ван Дајк, Роберто Фирмино, Алисон Бекер, Џорџинио Вајналдум, Садио Мане, Мохамед Салах, Трент Александер-Арнолд (Ливерпул), Бернардо Силва, Серхио Агуеро, Ријад Марез, Кевин де Брујне, Рахим Стерлинг (Манчестер сити), Френки де Јонг, Марк-Андре тер Штеген, Лионел Меси, Антоан Гризман (Барселона), Матијас де Лихт, Кристијано Роналдо (Јувентус), Душан Тадиќ, Дони ван де Бек (Ајакс), Карим Бензема, Еден Азар (Реал), Килијан Мбапе, Маркињос (ПСЖ), Сон Хеунг-мин, Уго Лорис (Тотенхем), Пјер-Емерик Обамејанг (Арсенал), Калиду Кулибали (Наполи), Жоао Феликс (Атлетико) и Роберт Левандовски (Баерн).
Карактеристики на годинашната листа се и тоа што првпат откако има систем на номинации, од 1995 година, лауреатот од претходната година (Лука Модриќ од Реал) не е кандидат за следната година, како и тоа што вкупно дури 16 фудбалери од лани не се во конкуренција за наградата годинава, пишува „Франс фудбал“. Во трката за наградата за најдобра фудбалерка се првата победничка, Ада Хегерберг (Лион), потоа Меган Рапино (Сиетл), Алекс Морган (Орландо), Луси Бронз (Лион) итн.