Зинедин Зидан 200 меча на клупата на Реал Мадрид

42

Зидан го предводеше Реал на 135 првенствени натпревари, на 40 во ЛШ, на 15 во „кралскиот куп“ на Шпанија, на по четири во рамките на клупското Светско првенство и во шпанскиот Суперкуп и на два меча во Суперкупот на УЕФА

Французинот Зинедин Зидан е третиот тренер на славниот Реал Мадрид, по Мигел Муњоз (605) и Висенте дел Боске (246), кој ги предводел „кралевите“ на 200 натпревари во сите конкуренции.

Зидан до оваа импозантна бројка стигна на првиот меч во продолжението од суспендираната сезона поради пандемијата на коронавирусот, против Еибар (3-1) што се одигра на клупскиот тренинг-центар, на стадионот „Алфредо ди Стефано“ што го користи Б-тимот на Реал. На стадионот „Сантијаго Бернабе“ започна реконструкцијата, која ќе потрае до 2022 година.

Зидан, кој дојде во Реал во 2016 година, по заминувањето на Рафаел Бенитез, го предводеше тимот на 135 првенствени натпревари во Ла лига, на 40 во Лигата на шампионите (ЛШ), на 15 во „кралскиот куп“ на Шпанија, на по четири во рамките на клупското Светско првенство (СП) и во шпанскиот Суперкуп и на два меча во Суперкупот на УЕФА.

Зидан има најдобар ефект кога станува збор за победи и порази. Тој го предводел тимот до 132 победи, што претставува 66 отсто успешност, претрпел 26 порази (13 отсто) и 42 пати ремизирал (21 отсто). На тие 200 меча под водство на Зидан, фудбалерите на Реал Мадрид постигнале 489, а примиле 210 гола.
Муњоз, кој бил на клупата на Реал на неверојатни 605 натпревари (забележал 357 победи), има 59 отсто успешност, а Дел Боске на 246 натпревари (133 победи) 54 отсто. Муњоз е најуспешниот тренер во историјата на Реал, со 14 освоени трофеи, а Дел Боске има осум. Л.Д.