За финалето на ЕП 2020 е „потребен“ стадион со 1,9 милион места

110

Во првата фаза пристигнале вкупно 19,3 милиони барања за билети за ЕП 2020, а најбарани биле за финалето на „Вембли“ во Лондон, 22 пати повеќе од капацитетот на стадионот. За ЕП 2020 на располагање ќе бидат вкупно три милиони билети

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека за првата фаза од продажбата добила 19,3 милиони барања за билети за мечевите на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Со тоа е надминат рекордот од 11-те милиони побарувања за билети за истата фаза пред ЕП 2016 во Франција.

Во периодот од 12 јуни до 12 јули годинава во продажба беа околу 1,5 милион билети, како дел од политиката на УЕФА – навивачите први. До крајот на јули следува лотарија со која ќе бидат одредени луѓето што ќе ги добијат влезниците. Тие ќе имаат временски период од десетина дена да ги платат, во спротивно влезниците се враќаат во продажба. За натпреварите на ЕП 2020 на навивачите на располагање ќе им бидат вкупно три милиони билети за стадионите во 12-те града домаќини.

УЕФА соопшти дека најмногу барања (1,9 милион) пристигнале за билетите за финалето што треба да се одигра на стадионот „Вембли“ во Лондон, што е за 22 пати повеќе од неговиот капацитетот (над 80.000 места), на 12 јули 2020 година.
За премиерниот меч на ЕП 2020 што треба да се игра на Олимпискиот стадион во Рим, на 12 јуни, пристигнале 540.000 барања, што е повеќе од осум пати од капацитетот на стадионот (околу 65.000 места).

По финалниот и двата полуфинални меча, најмногу барања за билети постојат за натпреварите од групната фаза во Минхен и во Амстердам. Од УЕФА додаваат дека најголема побарувачка меѓу локалното население имало за билетите за мечевите во групната фаза и за еден од четвртфиналните што ќе се играат во Санкт Петербург.
Следната, втора фаза од продажбата на билетите, ќе почне во декември, по ждрепката за финалниот турнир на континенталниот шампионат, што е закажана за 30 ноември. На земјите-учеснички на ЕП ќе им бидат понудени вкупно еден милион билети.


За билети за ЕП аплицирале луѓе буквално од секој агол на планетата

Во просек еден навивач аплицирал за 14 билети за Европското првенство (ЕП) во фудбал во 2020 година, за најмалку два стадиона. Апликациите пристигнале од 213 земји во светот што е уште еден показател за глобалната популарност на фудбалот.
Континенталното првенство в година треба да се одржи од 12 јуни до 12 јули, првпат ќе се игра во 12 града низ Европа, по повод 60-годишнината од првото ЕП, одржано 1960 година. Натпреварите ќе се играат во Лондон, Минхен, Баку, Рим, Санкт Петербург, Букурешт, Будимпешта, Амстердам, Даблин, Билбао, Глазгов и во Копенхаген.