За фаворитите e отворен патот до финалето!

211

Барселона, Јувентус, па и Манчестер сити на кои им се даваат најголеми шанси за освојување нa титулата во Лигата на шампионите, добија релативно лесни противници во четврт-финалето

Ждрепката за четвртфиналните и за полуфиналните натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) извршена вчера во седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА), одлучи повторно, во своевидна реприза на две финалиња од 2009 и 2011 година, да играат Манчестер јунајтед и Барселона, која ги доби двата натпревара (2-0 и 3-1) и на кои Лионел Меси ги постигна решавачките голови.

Во реприза, пак, на финалето од 1996-та, ќе се сретнат Јувентус и Ајакс. Тогаш Јувентус стигна до вториот европски триумф победувајќи со 4-2, на пенали. Ајакс, четирикратниот европски првак, кој ја има најмладата екипа сезонава во ЛШ (во просек 24 години и 202 дена) во минатата рунда го елиминира сѐ уште актуелниот првак Реал, повторно е пред голем предизвик против „старата дама“ предводена од Кристијано Роналдо, чија примарна цел е освојување нова, трета европска титула.

Третата двојка ја сочинуваат англиските премиерлигаши, Тотенхем, кој по вторпат во клупската историја е меѓу најдобрите осум и Манчестер сити. Тотенхем првпат по 1972/1972-та и полуфиналниот меч во Купот на УЕФА против Ливерпул (0-1 и 2-1), се среќава со англиска екипа. Манчестер сити, пак, беше елиминиран во двата претходни европски дуела против тимови од Англија, претрпувајќи порази во четирите натпревари, лани од Ливерпул во четврт-финалето во ЛШ (0-3 и 1-2) и од Челси во полуфиналето на тогашниот Куп на победниците на куповите (КПК), во сезоната 1970/1971, (0-1 и 0-1).

Ланскиот финалист, Ливерпул, доби, барем на хартија, најлесен противник Порто, кого лани го елиминира во осминафиналето (5-0 и 0-0). Против Порто е и традицијата, која вели дека португалскиот тим ги има загубено последните пет нокаут-дуели во европска конкуренција против екипи од Англија. Последната победа Порто, предводен од Жозе Мурињо, ја забележа против Манчестер јунајтед, во осминафиналната рунда во сезоната 2003/2004 (дома, 2-1 и на гости 1-1), кога стана и првак на Европа.

Првите процени и прогнози, што не мора ништо да значи бидејќи не ретко се случуваат изненадувања, се дека Јувентус, Ливерпул, Манчестер сити и Барселона ќе играат во полуфиналето и оти најверојатно во финалето ќе се сретнат Барселона и Јувентус, што би било повторување на финалето од 2015-та што го добија Каталонците со 3-1. 


Четвртфинални двојки
Ајакс – Јувентус
Ливерпул – Порто
Тотенхем – Манчестер сити
Манчестер јунајтед – Барселона
Натпреварите ќе се играат на 9/10 и на 16/17 април
Полуфинални двојки
Тотенхем/Манчестер сити – Ајакс/Јувентус
Манчестер јунајтед/Барселона – Ливерпул/Порто
Натпреварите ќе се играат на 30 април/1 мај и на 7/8 мај
Финале, 1 јуни, стадион „Метрополитано“, Мадрид


Лига Европа
Четврт-финале
Арсенал – Наполи
Вилјареал – Валенсија
Бенфика – Ајнтрахт Ф.
Славија П. – Челси
Првите натпревари се играат на 11, а реваншите се на 18 април
Полуфинале
Арсенал/Наполи – Вилјареал/Валенсија
Бенфика/Ајнтрахт Ф. – Славија П./Челси
Мечевите ќе се играат на 2 и на 9 мај
Финалето е на 29 мај во Баку, Азербејџан