За и против гол на гости

128

Христов смета дека измената е добра за фудбалот и дека гол е гол, без разлика дали е дома или на гости, Михајлов вели дека гостинските екипи ќе се преориентираат повеќе на одбрана и ќе се загуби атрактивниот и офанзивен фудбал на двете екипи, а Ќириќ е неутрален и смета дека измената не е некоја круцијална промена

По педесетина години Европската фудбалска унија (УЕФА) го укина правилото за предност на тимот што постигнал повеќе голови на гости во случај на вкупен нерешен резултат во нокаут-средбите во европските купови. Измената ќе важи од идната сезона, а потегот предизвика различни коментари во светот и во Македонија.
– Мислам дека одлуката на УЕФА да се укине правилото за гол повеќе на гости да биде решавачки во случај на нерешен резултат е позитивна и корисна за клубовите. Најверојатно таа ќе се применува и кај нас во Македонија, јасно од следната сезона и за тоа би требало да се решава на некој следен состанок на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, бидејќи според прописите за тоа не мора да одлучува Собранието. Минатите години практикувавме нешто слично во плејоф-мечевите за пласман во повисоките лиги и немаше никакви забелешки. Додуша, тие натпревари се играа на неутрални терени, но искуствата беа позитивни во секој случај – вели Васко Дојчиновски, комесар за натпреварување при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Горазд Михајлов, тренерот на Борец, лидерот во Втората лига Исток смета дека со измената гостинските екипи ќе се преориентираат повеќе на одбрана.
– Не знам колку ќе биде добро по укинувањето на правилото, бидејќи мислам дека гостинските екипи ќе се преориентираат повеќе на одбрана и ќе се загуби атрактивниот и офанзивен фудбал на двете екипи. Големите екипи нема да тактизираат и секогаш ќе играат на победа, а изненадувањата би се намалиле – вели Михајлов.

Одлуката на УЕФА ја поздрави фудбалскиот тренер Ѓоре Јовановски.
– Најправедно, логично решение, одлука за поздравување. Мислам дека сите аргументи што ги изнесе УЕФА се на место, тоа не е направено прекуноќ, сѐ е добро изанализирано. Вкупно се променети условите за игра на терените и на стадионите, и тоа на подобро, ништо не е исто како пред 20, 30 или 40 години. Во секој случај ниту една екипа нема да биде оштетена, така беше и досега, но ќе ги снема евентуалните калкулации и слично – вели Јовановски, трофеен фудбалски тренер, поранешен фудбалер на Вардар и на Црвена звезда.

Слично размислува и Ѓорѓи Христов.

– Мислам дека е добро за фудбалот. Гол е гол, без разлика дали е дома или на гости. Сега ќе нема многу тактизирање – вели Христов, некогашен фудбалски репрезентативен центарфор.

Неутрален по ова прашање е Саша Ќириќ, некогашниот македонски репрезентативец.
– Немам некое посебно мислење. Порано се играше без ова правило и сѐ беше во ред. Потоа го воведоа правилото и се навикнавме без проблеми. Сега пак го враќаат старото правило и пак ќе се навикнеме. Секој може од играчка или од навивачка перспектива да дава различно мислење, сѐ во зависност од тоа дали правилото помогнало или одмогнало. Мислам дека измената не е некоја круцијална промена – вели Ќириќ.

УЕФА го воведе правилото во сезоната 1965/66 во тогашниот Куп на победниците на куповите, а првпат било спроведено на мечот Хонвед – Дукла во 2-то коло. Во тогашниот Куп на шампионите (сега Лига на шампионите) правилото дебитира во сезоната 1967/68. Дотогаш по вкупен нерешен резултат се играше трет дуел на неутрален терен.

Во минатата сезона во ЛШ два меча беа решени со правилото за повеќе голови на гости, во двата случаја победи Рома (осминафинале и четврт-финале), една сезона пред тоа еден дуел (Монако, во осминафиналето), како и во сезоната 2015/2016 (Атлетико, во полуфиналето). Во сезоната 2014/2015 имаше два меча решени со гол на гости (двата во осминафиналето, Монако и ПСЖ).

Некои претпоставуваат и дека укинувањето на правилото може да донесе повеќе мечеви што ќе бидат решени на пенали (во минатите седум сезони такви мечеви имаше четири).
Л.Д.; Г.М.