Завршница на Лигата на нациите, Португалија фаворит

130

Во полуфиналните мечеви играат Португалија – Швајцарија и Холандија – Англија

Од денеска па до недела, Португалија, односно градовите Гимараеш и Порто, ќе биде домаќин на првиот финален турнир во Лигата на нациите (ЛН). Во првото полуфинале вечерва во Порто (20.45 часот) играат Португалија – Швајцарија, а утревечер во Гимараеш, Холандија – Англија. Финалето и мечот за третото место се в недела.

Земјата-победник ќе го добие сребрениот пехар висок 71 см и тежок 7,5 кг, парична награда од 10,5 милиони евра (поразениот во финалето 9 млн.).

Португалија, актуелниот европски првак, кај обложувачниците важи за фаворит за триумф, пред Англија, Холандија и Швајцарија. Прва ѕвезда на турнирот е Кристијано Роналдо, за кого ова ќе биде 10-от настап на завршен турнир (првиот му беше на ЕП 2004-та). На тие натпревари тој постигнуваше гол и повеќе. Покрај кон Роналдо, вниманието е насочено и кон младите, 19-годишни фудбалери, неговиот сонародник, Жоао Феликс за кого Бенфика има одредено откупна клаузула од 140 милиони евра, Матијас де Лихт од Ајакс, и нешто повозрасниот, 21-годишниот Френки де Јонг, кој од летово ќе настапува за Барселона.

Шестмина играчи имаат шанса за освојување на двата трофеја, покрај Лигата на шампионите (ЛШ), сите од Ливерпул. Тоа се Џордан Хендерсон, Џо Гомез и Трент Александер-Арнолд (Англија), Вирџил ван Дајк и Џорџинио Вајналдум (Холандија) и Џердан Шаќири (Швајцарија).

На завршните натпревари во ЛН ќе се применува и видеоасистент-судијата или ВАР, првпат во натпреварувањата на УЕФА на репрезентативно ниво. Оваа технологија се користеше на Светското првенство (СП) 2018 во Русија, како и на нокаут-мечевите во ЛШ годинава.