Завршницата на ЛШ на мини-турнир во Лисабон, можно и пред публика

45

Натпреварите во Лига Европа ќе бидат комплетирани во четири града низ Германија, Дуисбург, Диселдорф, Гелзенкирхен и Келн

Европската фудбалска унија (УЕФА) ги потврди најавите дека натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) ќе бидат комплетирани во август, со фајналејт-турнири во Лисабон, Португалија, односно во четири града низ Германија, Дуисбург, Диселдорф и Гелзенкирхен, со финале во Келн, објави агенцијата АФП.
Натпреварите од годинашната 2029/2020 сезона беа прекинати во март поради пандемијата на коронавирусот.
Одлуката Португалија да биде домаќин на мини-турнирот беше донесена бидејќи таа земја не беше многу погодена од пандемијата како другите европски земји, и затоа што нема клубови во завршницата. Германците, пак, први успешно ја продолжија сезоната и имаат оптимални услови.
Натпреварите во ЛШ и во ЛЕ ќе се играат зад затворени врати, но првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин, не ја отфрла можноста, сепак да има навивачи на трибините.

– Фудбалот се враќа во нормала во Европа, но останува да видиме дали на навивачите ќе им биде дозволено да присуствуваат на натпреварите. Ситуацијата ќе ја процениме на почетокот од јули и ќе видиме како ќе биде тогаш. Не знаеме дали тоа би биле само локални навивачи или, пак, навивачи на различни клубови, кои би можеле да патуваат. Но би било несериозно однапред да донесуваме одлуки во вакви моменти – изјави Чеферин.
ЛШ треба да продолжи на 7 и на 8 август со осминафиналните реванш-мечеви Манчестер сити – Реал, Баерн – Челси, Јувентус – Лион и Наполи – Барселона. УЕФА дополнително треба да одлучи дали тие средби ќе се играат на домашни или на неутрални терени, во Порто и во Гимараеш (Португалија).

Четвртфиналните и полуфиналните натпревари (по еден) ќе се играат во Лисабон од 12 до 19 август, а финалето на 23 август. УЕФА соопшти дека сите натпревари ќе се играат на два стадиона, „Луж“ на Бенфика (65.000 места) и на „Жозе Алваладе“ на Спортинг (50.000 места). Во главниот град на Турција, Истанбул, првично назначен за домаќин на финалето на 29 мај, ќе се игра финалето следната година.
ЛЕ ќе продолжи на 10 август. Преостанатите осминафинални дуели ќе се играат на 5 и на 6 август, четвртфиналните и полуфиналните од 10 до 17, а финалето на 21 август. Во полскиот Гдањск, оригиналниот домаќин за годинашното финале во мај, тој меч ќе се игра следната година.

УЕФА по видеосостанокот на Извршниот комитет (ИК) потврди и дека сите 12 градови остануваат домаќини на натпреварите на одложеното Европско првенство (ЕП) 2020, кое треба да започне на 11 јуни 2021 година. 


Македонија против Косово на 8 октомври

Двапати одложуваните плејоф-натпревари во Лигата на нациите (ЛН) за пласман на завршниот турнир на ЕП 2020, ќе се играат на 8 октомври и на 12 ноември, реши УЕФА. Тоа значи дека во Лига Д, во полуфиналето Македонија ќе игра со Косово на 8 октомври во Скопје, а Грузија против Белорусија. Победникот од дуелот Грузија – Белорусија ќе му биде домаќин на подобриот од мечот Македонија – Косово на 12 ноември.
Натпреварите од групната фаза на ЛН, 2020/2021 ќе се играат во три термини, од 3 до 8 септември, потоа на 10, 11 и на 13, 14 октомври, како и на 14, 15 и 17, 18 ноември.