Забраните за патувања ги загрозуваат клубовите

21

УЕФА ќе објави список на сите познати патни ограничувања меѓу земјите пред секоја ждрепка. Клубовите потоа ќе треба да ја известат УЕФА за какви било други непознати ограничувања, најмалку 48 часа пред ждрепката, во спротивно ќе го загубат мечот со службени 0-3

Клубовите што ќе играат во европските фудбалски натпреварувања следната сезона би можеле да бидат казнети, односно елиминирани, доколку не ја известат Европската фудбалска унија (УЕФА) за патните ограничувања заради спречување на ширењето на ковид-19, објави „Ројтерс“.

УЕФА соопшти дека ќе објави список на сите познати патни ограничувања меѓу земјите пред секоја ждрепка. Клубовите потоа ќе треба да ја известат УЕФА за какви било други непознати ограничувања, најмалку 48 часа пред ждрепката, во спротивно ќе го загубат мечот со службени 0-3.

– Доколку клубот не ја извести администрацијата на УЕФА два дена пред релевантното извлекување за сите ограничувања, освен оние објавени од УЕФА, ќе биде одговорен и ќе го загуби натпреварот – велат од УЕФА.

УЕФА исто така додава дека доколку клубот добие противник кому не му е дозволено да патува во таа земја, ќе мора да најде неутрален терен, град и земја. Доколку домашниот клуб не успее да предложи соодветна алтернативна локација, исто така ќе го загуби натпреварот. Овие правила ќе се применуваат во квалификациските и во плејоф-натпреварите во европските натпреварувања следната сезона.