Забраната за Црвена звезда отвори нов фронт помеѓу Србија и Косово

1488

Забраната за влез на Косово за фудбалерите на Звезда предизвика нови тензии помеѓу Србија и косовските власти. Тимот на српскиот првак стигна до граничниот премин Јариње околу 11.30 часот, но не влезе на Косово, каде што требаше да го игра мечот од шеснаесеттинафиналето на српскиот куп против Трепча, по што се врати назад за Белград.

– Дојдовме да играме фудбал, но тоа ни беше ускратено и покрај препораката на ФИФА. Косовските институции не ја испочитуваа и не ни дозволија да играме. Ни кажаа дека тоа е одлука на владата на Косово и оти немаат објаснување. Препораката на ФИФА беше недвослена. Не баравме ништо необично. Не постои ни една причина зошто натпреварот не би се одиграл во Звечан – истакна генералниот директор на белградскиот клуб, Звездан Терзиќ.

Директорот на српската канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, порача дека „Приштина мора наглавечки да лета надвор од УЕФА и од ФИФА“, по забраната со која се соочи Црвена звезда. ФИФА преку писмо испратено на 20 септември ја извести Фудбалската федерација на Косово дека мечот од српскиот Куп може да се одигра на Косово.

На српската страна од граничниот премин беа стационирани засилени полициски сили и голем број на медиуми, додека на косовската беа распоредени припадниците на специјалната единица РОСУ.

Фудбалерите на Црвена звезда накратко се поздравија со присутните навивачи кои ги чекаа од двете страни на границата, пред да се вратат назад за Белград. Мечот помеѓу Црвена звезда и Трепча веројатно ќе биде одигран утре во Белград.