Жоао Феликс – вториот тинејџер со трицифрен трансфер

140

Атлетико ќе ѝ плати на Бенфика 126 милиони евра за трансферот на напаѓачот, со што клубот од Мадрид стана шести што плаќа трицифрена сума за еден фудбалер, а Бенфика е деветтиот клуб што продава за толку пари

Атлетико Мадрид стана шестиот клуб што потрошил 100 или повеќе милиони евра за трансфер на еден фудбалер, а Бенфика, пак, е деветтиот клуб што продава за таква сума, откако напаѓачот од Португалија Жоао Феликс (19) пристигна во Мадрид за 126 милиони евра. Феликс потпиша седумгодишен договор. Тој во минатата сезона постигна 15 гола и имаше седум асистенции на 26 меча за Бенфика и стана најмладиот стрелец на хет-трик на европската сцена за тој клуб (постигна три гола на мечот со Ајнтрахт во Лига Европа).

Феликс е вториот Португалец со ваков трансфер (претходно Кристијано Роналдо). Со 19 години, седум месеци и 23 дена, пак, Феликс е вториот најмлад фудбалер со трицифрена сума за трансфер. Французинот Килијан Мбапе кога го официјализира трансферот во ПСЖ имаше 19 години, шест месеци и 12 дена.

Трицифрени суми за трансфер на еден фудбалер по двапати платија ПСЖ, Реал Мадрид и Барселона, а по еднаш Манчестер јунајтед и Јувентус. Прв клуб што заработи 100 или повеќе милиони евра за еден фудбалер беше Тотенхем за Велшанецот Герет Бејл (101 милион во 2013 година), а потоа следуваа Јувентус за Французинот Пол Погба (105/2016), Барселона за Нејмар (222/2017), Борусија Дортмунд за Французинот Осман Дембеле (125/2017), Монако за Мбапе (135/2018), Ливерпул за Бразилецот Филипе Кутињо (145/2018), Реал Мадрид за Португалецот Кристијано Роналдо (117/2018) и Челси за Белгиецот Еден Азар (100/2019). Сите суми се според специјализираната интернет-страница за трансфери на фудбалери, „Трансфермаркт“.

Од деветте трансфери со 100 или повеќе милиони евра седум се за напаѓачи, а два за плејмејкери. Најскап одбранбен играч засега е Холанѓанецот Вирџил ван Дајк (Ливерпул лани му плати 84,5 милиони на Саутемптон), а кај голманите тоа е Шпанецот Кепа Аризабалага (Челси го купи од Атлетик Билбао за 80 милиони во 2018 година).

Атлетико Мадрид во летниот преден рок годинава претходно им ги продаде одбранбениот играч од Франција Лукас Хернандез на Баерн за 60 милиони евра и шпанскиот плејмејкер Родри на Манчестер сити за 70 милиони, а се најавува заминување и на напаѓачот од Франција Антоан Гризман. 


КЛУБОВИ ШТО ЗАРАБОТИЛЕ ТРИЦИФРЕНИ СУМИ ЗА ЕДЕН ФУДБАЛЕР
ГОД. КЛУБ ИГРАЧ СУМА
2013 Тотенхем Герет Бејл 101
2016 Јувентус Пол Погба 105
2017 Барселона Нејмар 222
2017 Борусија Д. Осман Дембеле 125
2018 Монако Килијан Мбапе 135
2018 Ливерпул Фелипе Кутињо 145
2018 Реал М. Кристијано Роналдо 117
2019 Челси Еден Азар 100
2019 Бенфика Жоао Феликс 126
сумите се според „Трансфермаркт“