Елмас се сели во Премиер-лигата?

147

Англискиот фудбалски гигант Манчестер јунајтед е заинтересиран за младиот македонски репрезентативец Елиф Елмас (19), играчот на турски Фенербахче, за кој минатата сезона настапи на 39 меча и постигна три гола. Според англиските медиуми („Дејли мејл“, „Сан“), покрај Јунајтед, за Елмас се заинтересирани првакот Манчестер сити и Тотенхем, финалистот во Лигата на шампиони (ЛШ).

Елмас е офанзивен играч за врска и го сметаат за еден од најперспективните млади фудбалери во Европа. Иако тинејџер, тој веќе има одиграно 10 натпревари за репрезентацијата на Македонија, во квалификациите за Светското првенство (СП) во 2018-та, во Лигата на нациите (ЛН) и за Европското првенство (ЕП) во 2020-та и има дадено два гола, на мечот против Летонија, 3-1 во март годинава, во квалификациите за ЕП 2020.

Елмас првите фудбалски чекори ги направи во скопски Работнички, каде што се афирмира и од каде што пред две години замина во Фенербахче.