Елмас го очекува силен ривал во ЛШ, ако Наполи ја елиминира Барселона

78
Елиф Елмас

Наполи за кој настапува македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас ќе се соочи со подобриот од дуелот Баерн – Челси во четврт-финалето на Лигата на шампионите, доколку Италијанците успеат да ја елиминираат Барселона во нивната осминафинална пресметка. Првиот дуел во Неапол заврши 1-1. Ова е резултат од ждрепката за четвртфиналните двојки во ЛШ, влечена денеска во седиштето на УЕФА, во швајцарски Нион. Баерн, пак, има предност од 3-0 од првиот меч против Челси.

Подобриот од дуелот Манчестер сити – Реал (Сити има предност од 2-1 по првиот меч) ќе оди на победникот од двомечот Јувентус – Лион (Лион славеше во првата средба), додека во четврт-финалето ќе се сретнат и Лајпциг – Атлетико Мадрид и Аталанта – ПСЖ.

Преостанатите осминафинални реванши се закажани за 7 и 8 август, а четвртфиналните мечеви ќе се играат од 12 до 15 август во Лисабон (победникот ќе биде одлучен по една средба).

Полуфиналната фаза ќе се игра на 18 и 19 авуст, а таму ќе се сретнат победниците од натпреварите помеѓу Манчестер сити/Реал Мадрид – Јувентус/Лион и Наполи/Барселона – Челси/Баерн Минхен, односно Лајпциг – Атлетико Мадрид и Аталанта – Пари Сен Жермен.

Финалето на стадионот на Бенфика ќе се игра на 23 август.

Четвртфинални двојки

Манчестер сити/Реал Мадрид – Јувентус/Лион
Лајпциг – Атлетико Мадрид
Барселона/Наполи – Баерн/Челси
Аталанта –  ПСЖ