Елмас без пораз со Наполи се пласира во осминафиналето

31
Елмас (десно) на мечот со Генк

Елмас во групната фаза сезонава влегуваше во игра на двата меча против Ливерпул и на еден со Салцбург, на гости, а беше стартер на дуелот со Генк на гости

Во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) нема поголеми изненадувања кога станува збор за тоа кои тимови ќе ги продолжат мечевите во осминафинална рунда. Единствени исклучоци би биле елиминацијата на ланскиот полуфиналист Ајакс, кој го загуби решавачкиот меч на домашен терен од Валенсија, со 0-1, па и на Интер, кој беше поразен дома од Барселона (1-2) во чии редови го немаше Лионел Меси. Утеха за Ајакс и за Интер ќе биде играњето во Лига Европа (ЛЕ).

Сѐ друго е во рамките на очекувањата, бидејќи натамошен прогрес по мечевите завчера си обезбедија тимовите од петте најсилни европски лиги, Англија, Шпанија, Германија, Франција и Италија.

За Наполи, кој без поголеми маки и без пораз ја помина групната фаза, настапува Елиф Елмас. Синоќа за место во осминафиналето играше и Аријан Адеми со Динамо.
Елмас на мечот завчера со Генк, 4-0, највисока победа за Наполи во ЛШ, беше на клупата за резервни фудбалери. Но сега веќе поранешниот тренер на наполитанците, Карло Анчелоти имаше доверба во Елмас, па тој влегуваше во игра на двата меча против Ливерпул (2-0 дома и 1-1 на гости) и на гости кај Салцбург (3-2), а беше стартер на дуелот со Генк на гости (0-0). Тој летово пристигна во Наполи, а конкуренцијата во тимот, особено во нападот, е исклучително силна (Милик, Пјотр Зјелински, Дри Мертенс, Лоренцо Инсиње, Хозе Калјехон, Фернандо Лјоренте, Ирвинг Лозано).

Актуелниот европски првак Ливерпул одигра според очекувањата и според реномето и успешно го помина тестот во Салцбург, победувајќи на гости со 2-0 со што ја обезбеди првата позиција во групата Е, пред Наполи. Во првиот дел одбраната на Ливерпул неколкупати беше на големи искушенија, но успеа да се одбрани од тимот што игра крајно напаѓачки за што сведочи податокот дека на шесте меча во групата постигна 16 гола (но и прими 13), а на последните 24 меча во сите конкуренции постигна дури 87. Во првото полувреме имаше девет удари кон голот на двата тима (голманот на Ливерпул Алисон Бекер имаше шест одбрани), најмногу без постигнат гол во првите 45 минути во меч од ЛШ, од натпреварот Шалке – Манчестер јунајтед во април 2004 година.

Интер не успеа да ја совлада Барселона, која ја продолжи низата од 20 меча без пораз во ЛШ (14 победи и шест ремија). Поуспешен од Барса е само Реал со 30 натпревари едноподруго без пораз, од 2012 до 2017 година. 


Англија како и лани има четири тима меѓу 16-те најдобри

По мечевите завчера се познати 14 тима за осминафиналето, на кои по синоќешните дуели во групите А, Б, Ц и Д им се приклучија преостанатите два тима. Меѓу најдобрите се сите четири англиски претставника, актуелниот првак Ливерпул, потоа Манчестер сити, Тотенхем и Челси, потоа по три од Шпанија (Барселона, Валенсија и Реал Мадрид) и од Германија (Баерн, Лајпциг и Борусија Д), како и по два од Италија (Јувентус и Наполи) и од Франција (ПСЖ и Лион). Од овие земји Шпанија или Германија ќе имаат по четири, во зависност од синоќешните мечеви. Англија и во минатата сезона доминираше, со сите четири тима меѓу осминафиналистите, а потоа имаше и два во финалето.
Ждрепката за осминафиналето е закажана за в понеделник во Нион. Познати се и осумте носители, првопласираните по групи, Барселона, Баерн, Јувентус, Лајпциг, Ливерпул, Манчестер сити, ПСЖ и Валенсија. Неносители се второпласираните Борусија Д., Челси, Лион, Наполи, Реал Мадрид, Тотенхем, потоа Шахтар, Динамо или Аталанта, како и Атлетико или Баер.
Извлекувањето на двојките ќе биде полудиригирано, што значи дека во осминафиналето меѓу себе нема да играат победниците во групите и тимовите од иста група или земја.