Еден од најтивките зимски преодни рокови

77

ФУДБАЛ

До крајот на годинашниот зимски преоден рок остануваат уште четири дена и, како што се стојат работите во моментов, можно е тоа да биде еден од најтивките јануарски преодни рокови, пред сѐ поради пандемијата на ковид-19 и финансиската неизвесност во наредниот период.
Но клубовите, најбогатите во англиската Премиер-лига, сѐ уште преговараат со фудбалерите и со нивните агенти, обидувајќи се да се засилат за втората половина од сезоната. Па, можно е во последен миг да се реализира некоја поголема зделка, ако не финансиска, тогаш фудбалска, оти на пазарот има неколкумина што се слободни играчи, а има и такви што нивните клубови се подготвени да ги пуштат на заем во други клубови.

Меѓу напаѓачите со меѓународно искуство што се достапни без надомест се Диего Коста, Вилфрид Бони и Даниел Стариџ. Еден од поголемите трансфери зимава би можел да биде на Џеси Лингард, кој не игра кај Оле Гунар Солскјер во Манчестер јунајтед и се очекува да замине на заем во Вест хем, кај Дејвид Мојс, со кого работеше на „Олд трафорд“.
Њукасл исто така е заинтересиран за Лингард, но поверојатно е дека ќе го ангажира Хамза Чудури (21), играчот за врска на Англија (до 21 година) и на Лестер. Кристијан Бентеке не е во прв план во Кристал палас, кај Рој Хоџсон, но се смета за идеално засилување на ВБА и на Сем Алардајс во борбата за опстанок. Отворено е и прашањето дали Деле Али ќе добие дозвола да го напушти Тотенхем, каде што нема минутажа кај Жозе Мурињо.