Европскиот фудбал се подготвува за враќање во реалноста?

52

Пандемијата на коронавирусот промени многу работи. Паричните текови се сушат, а намалувањето на трошоците стана најбитно. Фудбалот се подготвува за ера на штедење, пишува во статијата на „Си-ен-ен спорт“. Клубовите ќе размислат двапати или трипати пред да потпишат договор со некого. Ако не сте 100 отсто сигурни нема да го ангажирате, подобро е да почекате. Ова е како повик за будење, ова е и голема шанса за фудбалот да се врати малку во реалноста, вели Луц Фаненстил, спортски директор на Фортуна

Пред три години Бразилецот Нејмар стана најскапиот фудбалер на планетата со трансферот вреден 263 милиони долари. Тоа беше зенитот на фудбалското изобилство и најава за нова ера на супертрошење. Но пандемијата на коронавирусот промени многу работи. Паричните текови се сушат, а намалувањето на трошоците стана најбитно. Фудбалот го притисна копчето за пауза и се подготвува за ера на штедење, пишува во статијата на „Си-ен-ен спорт“.
Пред пандемијата, кривата на трошење во фудбалот одеше во нагорна линија. Минатото лето, клубовите во петте најголеми европските лиги, Англија, Германија, Шпанија, Италија и Франција, потрошија рекордни 5,5 милијарди евра, 900 милиони евра повеќе во однос на 2018 година, според анализата на спортската деловна групација „Делојт“.

Само во Премиер-лигата, 11 од 20-те клуба направија свои рекордни трансфери, а во шпанската Ла лига трошењето првпат ја проби границата од една милијарда долари.
Летово се можни неколку големи трансфери, на младиот крилен играч на Борусија Дортмунд, Џејдон Санчо, на играчот од средниот ред на Манчестер јунајтед, Пол Погба, и на дефанзивецот на Наполи, Калиду Кулибали, но кризата поради ковид-19 генерално ги искомплицира работите на трансфер-пазарот. Очекувањата се дека новиот преоден рок ќе биде многу поинаков од поранешните.
Според анализата на консултантот КПМГ, се проценува дека доколку домашните сезони завршат „зад затворени врати“, вредноста на играчите ќе падне за 6,6 милијарди евра, пишува „Си-ен-ен спорт“. Ако сезоните на целиот континент не се доиграат, таа бројка би достигнала неверојатни 10 милијарди евра.

– Клубовите ќе размислат двапати или трипати пред да потпишат договор со некого. Ако не сте 100 отсто сигурни нема да го ангажирате, подобро е да почекате. Ова е како повик за будење, ова е и голема шанса за фудбалот да се врати малку во реалноста – вели за „Си-ен-ен спорт“ Луц Фаненстил, спортски директор на бундеслигашот Фортуна Диселдорф.
Но дури и во време на криза, загубата за еден може да биде придобивка за друг. Во април, менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, рече дека Јунајтед може да извлече „корист“ од клубовите што финансиски се погодени од пандемијата. Експертот за финансии во фудбалот, Киран Магваер, смета дека Норвежанецот само укажал на економската реалност.

– Јазот помеѓу богатите и сиромашните ќе расте бидејќи поголемите клубови имаат повеќе пари. Вообичаено играч со висок квалитет што чинеше 40 до 50 милиони фунти сега ќе може да се купи за 20 милиони. Клубот што продава нема алтернативи, бидејќи парите му се неопходни за егзистенција – вели Магваер.
Директорот на Ајакс, Ван дер Сар, очекува клупската академија да продолжи да функционира во иста насока. Тој инсистира дека Ајакс нема да ги продава најдобрите играчи евтино, под реалната цена.

– Големите клубови грешат ако мислат дека сега полесно или поевтино ќе можат да купат играчи од нас. Така не беше порано, ниту пак сега ќе биде. Тоа може да биде и можност за нас, ако играчите не се во можност да заминат или не е добра сумата, дека можеме да го задржиме тимот малку подолго заедно – вели Ван дер Сар.
Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, пак, неодамна рече дека не верува оти светот е подготвен за „луди“ трансфери од минатото.