Евергрин-фудбалери – Маркез, Матеус и Карбахал

53
Рафаел Маркез

Маркез (39), одбранбениот играч на Мексико, им се приклучи на сонародникот Карбахал и на Германецот Матеус, кои, исто така, пет пати играле на СП, но тој е единствен што на сите пет ја носел и капитенската лента

На мечот Мексико – Германија (1-0) во групата Ф, Рафаел Маркез (39) влезе во игра во 74. минута и влезе во историјата на Светските првенства (СП) во фудбал. Тој е третиот фудбалер што настапил на пет мундијали.
Пред Маркез, кој првпат настапи на СП 2002 во Јужна Кореја и во Јапонија, потоа и во Германија во 2006-та, Јужна Африка во 2010-та и во Бразил во 2014 година, со по пет настапи на СП можат да се пофалат уште неговиот сонародник, голманот Антонио Карбахал (настапи на СП 1950, 1954, 1958, 1962 и 1966) и Германецот Лотар Матеус (СП 1982, 1986, 1990, 1994 и 1998). Маркез е најстар меѓу нив, кога настапил на петтото СП (Карбахал и Матеус имаа по 37 години) и единствен што на сите пет СП бил капитен (Карбахал ја имал лентата во 1958 и 1962 година, а Матеус во 1990 и 1994 година).
На оваа рекордерска листа може да се додаде и голманот на „аѕурите“, Џанлуиџи Буфон, кој, исто така, беше на пет СП, од Франција 1998 до Бразил 2014, но на првото СП во 1998-та не влезе во игра.
Маркез ги одигра четирите меча на СП 2002, беше и капитен, но шампионатот го заврши со црвен картон на осминафиналниот дуел против САД (0-2). Четири години подоцна, во Германија, Маркез повторно беше во почетните 11, а на мечот против Аргентина (1-2) во осминафиналето го постигна единствениот гол. Во Јужна Африка во 2010-та, Маркез повторно ја носеше капитенската лента, постигна и гол против Јужна Африка (1-1), како и во Бразил 2014, на мечот против Хрватска (3-1), со што стана првиот мексикански фудбалер што постигнал гол на три СП по ред, наедно и првиот играч што на четири СП бил капитен на една селекција.
– Пресреќен сум, како поради мојот личен успех и настапот на петтото СП по ред, уште повеќе поради победата над актуелниот светски првак Германија – изјави Маркез.
На СП во Русија, Маркез не е во прв план, но неговото искуство и минат труд им се од голема помош на помладите соиграчи, но и на селекторот Хуан Карлос Осорио. Маркез му помогна на Мексико да ја забележи петтата победа (со едно реми) на воведните мечеви на последните шест СП. Но Мексико, откако настапува Маркез, ниту еднаш не ја поминало осминафиналната рунда на СП, како и на две СП пред тоа (најдобар пласман на Мексико се четврт-финалињата на СП во 1970 и 1986 година).
Од друга страна, пак, на третото СП по ред се случува бранителот на титулата, во случајов Германија, да не го добие премиерниот меч. На минатото СП, во 2014 година, Шпанија загуби убедливо од Холандија со 1-5, а на СП 2010, Италија ремизира со Парагвај, 1-1. 


„Вештачки“ земјотрес во Мексико Сити

Од Мексико Сити пристигнаа и информациите дека во главниот град, еден од најнаселените во светот, кој лежи на трусна почва, за време на мечот против Германија на фудбалското СП 2018 бил регистриран „вештачки“ земјотрес. Стручњаците тоа го објаснуваат со големата возбуда и потскокнувања на љубителите на фудбалот по постигнувањето на победоносниот гол на Чаки Лозано во 35. минута.